Линкови за пристапност

Иднината на конвенционалната хартија е електронската верзија - 2003-10-07


Наспроти исклучителната популарност на компјутерите во изминативе две децении, хартијата можете да ја видите насекаде: книгите, весниците и рекламните паноа се само мал број од примерите. Но, што ако хартијата како технологија што застарува може да се надгради, и да се пренесе во дигиталната ера. Таканаречената „електронска хартија“ може да биде иднина на конвенционалната хартија. Иако се уште не може да се користи секојдневно, неколку компании неодамна презедоа чекори што оваа технологија би можеле да ја направат значително позабележлива. Следува разговор со експертот за компјутерска и информатичка технологија Питер Мејерс.

„Електронската хартија е материјал што наликува на хартија, но се појавува во вид на електронска слика која може да презентира постојано менлива информација“, објаснува г-динот Мејерс.

„Неколку компании и неколку истражувачи неодамна направија напредок во намалување на дебелината на оваа хартија, правејќи ја доволно тенка за да може фактички да се завитка како цилиндер и може да се смести в џеб. Група истражувачи од Институтот за технологија во Масачусетс создадоа прототип тенок колку три листа хартија и со големина колку една бизнис-картичка, што може да се завитка во цилиндер. Квалитетот на отпечатокот е ист, можеби за нијанса подобар од оној на компјутерскиот екран“, додава тој. „Идејата е“, вели Мејерс, „да се достигне големина од 8 ипол инчи на 11 инчи, што е стандардна големина за лист хартија, или големина на весник или списание, така што еден лист од оваа хартија може да се носи на пат кон работа, да се смести во актовката или да се свитка, потоа да се извади и постојано да се надополнува со нови информации“.

Која е предноста на електронската хартија во однос на конвенционалната?

„Во оваа фаза, областите каде оваа електронска хартија всужност илегува од лабораторсиките услови и со неа се прават експерименти се канцелариите за маркетинг или за информации за расположливи производи. Идејата на електронската хартија е да можете да ги прикажете и рекламирате овие нешта. Тоа ќе биде поевтино и тоа е полесен начин за постојано прикажување на различни, менливи информации“, истакнува експертот Мејерс.

Електронската хартија, за разлика од стандардната, конвенционална хартија, има предност токму поради фактот што постојано нуди нови и свежи информации.

„Да го земеме за пример утринскиот весник, кој донесува информации од Блискиот исток или од економијата. Со електронската хартија ќе бидеме во можност постојано да додаваме нови информации, да го дополнуваме написот, така што електронската хартија ќе може да се менува во текот на денот. Таа исто така ќе може да се користи и во академската област каде информациите постојано ќе можат да се дополнуваат. Можете да замислите што тоа ќе значи за економските извештаи од берзата. Значи, на овој вид хартија може да се гледа како на жива материја“, вели тој.

Во овој момент, електронската хартија во пракса се користи за рекламните паноа и дисплеите во продавниците, на што, според Питер Мејерс, луѓето гледаат како на применлива технологија. За две до три години, предвидува г-динот Мејерс, следното поле на тестирање на електронската хартија ќе бидат весниците и книгите, односно информациите што секојдневно се следат и менуваат.

XS
SM
MD
LG