Линкови за пристапност

vesti 2 - 2003-10-02


Ирак

Американскиот генерал во Ирак, Рикардо Санчез вели дека непријателот станува се поопасен и дека се можни и поголеми напади.

Господинот Санчез денеска во Багдад изјави дека не би бил изненаден доколку наредните денови се случат големи борби или терористички напад. Тој рече дека непријателските борци секоја недела во просек убиваат од три до шест американски војници, а повредуваат 40. Овие изјави уследија по борбите што започнаа во Фалуџа. Сведоци изјавија дека неидентификувани напаѓачи почнале да пукаат врз патрола на американската армија. Во овој инцидент бил убиен еден Ирачанец, а четворица биле ранети, меѓу кои жена и мало девојче.

Ирак – Оружје за масовно уништување

Главниот американски инспектор за оружје во Ирак денеска пред американските законодавци го презентира својот прв извештај за потрагата по оружје за масовно уништување.

Сведочењето на господинот Дејвид Кеј пред конгресната Комисија за разузнавање се одржува зад затворени врати и неговиот извештај нема да биде објавен во јавноста. Но претставници на ЦИА велат дека овој извештај нема да содржи, цитираме, цврсти заклучоци и дека ова ќе биде прв извештај за напредокот во потрагата по оружје за масовно уништување во Ирак. Претходните новински извештаи цитираат неименувани американски претставници кои велат дека инспекторите ќе признаат во иницијлниот извештај дека во Ирак не е пронајдено нуклеарно, хемиско ниту биолошко оружје.

Иран – Нуклерано оружје

Инспекторите за нуклеарно оружје од ОН и ирански претставници започнаа разговори во Техеран кои се опишуваат како важни за утврдување дали Иран има намера да развива нуклерано оружје.

Портпаролот на Меѓународната агенција за атомска енергија изјави дека инспекцискиот тим пристигнал во иранскиот главен град доцна синоќа и денеска го имал првиот состанок. Иран се соочува со рокот до 31-ви октомври до кога мора да докажае дека не произведува нуклерано оружје. Аналитичарите велат дека разговорите се очекува да бидат фокусирани на иранската програма за збогатен ураниум. Тие уште велат дека доколку не се исполнат барањата на Меѓународната агенција за атомска енергија, Иран можно е да се соочи со остри економски и дипломатски санкции од страна на Советот за безбедност на ОН.

Северна Кореја

Северна Кореја вели дека репроцесирала околу 8.000 употребени нуклеарни прачки и го користи плутоноимот изваден од нив за засилување на, како што ја нарекува Пјонгјанг, нуклеарна превентивна сила.

Во соопштението на севернокорејското Министерство за надворешни работи се вели дека Северна Кореја ја презела оваа акција заради, како што ја нарекува, непријателската политика на САД. Во соопштението уште се вели дека нуклеарните активности на Пјонгјанг се наменети за мирнодопски цели. САД веруваат дека Северот веќе поседува едно или две нуклеарни оружја. 8.000 репроцесирани прачки би дале доволно плутониум за производство на дополнителни шест нуклеарни оружја.

Израел – Палестинци

Израел соопшти дека планира да гради околу 550 нови домови во еврејските населби во окупираниот Западен брег, иако таканаречената Мапа кон мирот поддржана од САД, повикува на прекин на ваквите активности.

Изградбата на домови според израелската влада треба да се одвива во три населби. Израел вели дека ќе продолжи со овој процес за да му помогне на како што го нарекува природниот наталитет. Палестинците ги осудија плановите за изградба, нарекувајќи ги уште еден обид од страна на Израел да приграби територија.

Косово - Гласање

Законодавците на Косово го одложија клучното гласање со кое треба да се овластат лидерите на провинцијата да учествуваат во разговорите со српските власти кон крајот на овој месец.

Членовите на парламентот денеска кажаа дека не се против преговорите, но дека бараат повеќе деталји и пошироки консултации за многу прашања, пред да дадат конечно одобрување. Некои пратеници кажаа дека најпрво сакаат мисијата на ОН што управува со провинцијата да даде повеќе надлежности на локалните власти. Парламентот повторно ќе расправа за ова идниот четврток. Инаку, разговорите со српските власти е предвидено да започнат на 14-ти октомври во Виена. Тоа ќе бидат први директни разговори меѓу двете страни од крајот на конфликтот на Косово.

Русија - НАТО

Руското Министерство за одбрана објави извештај во кој предупредува дека ќе го преиспита своето воено планирање и нуклеарна ракетна стратегија доколку НАТО продолжи да постои во својата сегашна форма.

Во денеска објавениот извештај Русија вели дека внимателно го следи военото проширување на Алијансата. Во овој извештај не се споменува како може да се промени руското воено планирање. Претседателот Путин не коментираше јавно по овој извештај но рече дека Русија има значителни залихи на ракети, вклучувајќи и проектили кои можат да носат нуклеарни боеви глави.

XS
SM
MD
LG