Линкови за пристапност

Рен: „Ситуацијата со трговијата со жени заради проституција во Македонија има шанси да се подобри“ - 2003-10-02


Во близина на Скопје се наоѓа пазар на кој жените се продаваат како стока. Тие голи застануваат на подиум, а сопствениците на борделите ги избираат, а потоа ги купуваат како сексуални робинки. Вака раскажува госпоѓа Елизабет Рен за откритието при една од многубројните посети на Македонија во врска со проблемот со трговијата со жени.

„Некој ги купува како стока на пазар, а потоа се во негова сопственост. Ужасно е да слушате како жените раскажуваат, “мојот сопственик и неговите пријатели можат да сторат што сакаат со мене“. Мислам дека во 2003 година ниту една жена не смее да биде во нечија сопственост, но токму тоа се случува“, истакна госпоѓа Рен.

Таа вели дека на Балканот има неколку стотици бордели во кои жените се принудуваат на проституција, но упати и критики до меѓународната заедница и нејзиниот однос кон овој проблем.

„Меѓународната заедница исто така прави проблеми. Не можеме да бидеме слепи за фактот дека без клиенти нема шверц. Многумина од меѓунардоната заедница ги користат на овие жени“, вели Рен.

Госпоѓа Рен, која била и специјален известувач на ОН за човековите права на Балканот, истакна дека трговијата со жени најчесто е во комбинација со други видови на криминал, како шверц со дрога и оружје, со перење пари, а голем проблем во борбата против овие видови криминал во сиромашните земји е корупцијата.

Но Елизабет Рен вели дека сепак има надеж, а неа ја гледа повторно токму во ангажманот на меѓуанродната заедница. Таа го изнесе примерот со меѓународната организација за миграција која пред две години вратила околу 300-400 жени од Македонија во источноевропските земји. Но сепак додава дека илјадници жени останале како жртви на шверцот заради проституција.

„Но сега се надевам дека полицијата на ЕУ што треба да почне наскоро да работи ќе помогне со обука на локалната полиција да се стави контрола врз секаков вид шверц. Би рекла дека има малку подобра ситуација сега во Македонија, што ја посетив неколку пати последниве месеци. И во Србија ситуацијата се подобрува, но остануваат проблемите на Косово и во Босна и Херцеговина“ изјави госпоѓа Рен.

Неуморниот активист за правата на жените во светот, Елизабет Рен, во Вашингтон разговараше со претставници во Конгресот, Стејт департментот и во Светската банка.

XS
SM
MD
LG