Најновата анкета што ја спроведе весникот Лос Анѓелес Тајмс покажува дека 56 проценти од потенцијалните гласачи сакаат актуелниот гувернер да си замине од функцијата. Просто мнозинство кои ќе глазаат „за“ е доволно за господинот Дејвис да биде отповикан.
Доколку тоа се случи, кандидатот со најголем број гласови ќе го замени, а републиканецот Арнолд Шварценегер има големи шанси.
Во вчера објавената анкета, поранешниот бодибилдер и филмска ѕвезда имаше поддршка од 40 проценти. 23 проценти од гласачите го поддржале кандидатот од Демократската партија, заменик гувернерот Круз Бустаманте. Испитувањето на јавното мислење покажува и дека многумина гласачи се подготвени да му прогледаат низ прсти на политичкото неискуство на актерот, со тоа што двојно повеќе потенцијални гласачи ги одобруваат лидерските вештини на господинот Шварценегер споредено со гувернерот Дејвис.
Греј Дејвис добива помош од влијателни Демократи кои доаѓаат во Калифорнија и водат кампањи. Последен беше генералот во пензија и кандидат за претседател, Весли Кларк.
Гувернерот Дејвис добива помош и од некогаш негов критичар, поранешниот кандидат за оваа функција, Аријана Хафингтон, која се повлече од трката во вторникот. Хафингтон е либерален колумнист и кампањите ги водеше како независен кандидат. Таа вели дека гувернер од Демократската партија би било подобро решение за Калифорнија отколку републикански актер.
Аналитичарот Шери Бебич Џеф од Универзитетот Јужна Калифорнија вели дека господинот Дејвис и неговиот противник се обидуваат да ја обликуваат гласачката перцепција и барем засега, изгледа дека тоа го прави Арнолд Шварценегер.
„Промената на јавното мислење се темели главно на дебатата - дали сте за промена или за статус кво. Греј Дејвис е статус кво. Гласачите на Арнолд Шварценегер гледаат како на кандидат на промена“, истакна господинот Џеф.
Гувернерот Дејвис се обидува да ја промени оваа ситуација, а за тоа има време само до 7-ми октомври, кога ќе се отворат гласачките места во Калифорнија.