Линкови за пристапност

vesti 29 - 2003-09-29


Ирак

При два бомбашки напада врз американски воени конвои западно од Багдад загинал еден американски војник, а најмалку уште еден е повреден.

Армиски портпарол кажа дека бомбата била поставена крај патот и експлодирала кога конвојот минувал крај градот Хабанија. Сличен напад бил изведен и во соседниот град Калдија. Очевидци велат дека американските трупи возвратиле на нападите со помош на авиони, тенкови и хеликоптери. Нападот уследил по акцијата во текот на ноќта во 15 куќи во родниот град на Садам Хусеин, Тикрит. Ирачките безбедносни сили, потпомогнати од американските војници, притвориле четворица осомничени, но не успеале да уапсат 12 до 15 лица за кои се верува дека се одговорни за најголемиот број напади врз коалиционите сили предводени од САД.

Иран – Нуклеарно оружје

Ирански функционер призна дека траги на збогатен ураниум биле пронајдени на уште една локација во Иран, но вели дека материјалот мора да стигнал таму од друго место.

Иранскиот претставник во Меѓународната агенција за атомска енергија денеска на државната телевизија изјави дека меѓународните инспектори и локалните власти биле изненадени од новите докази. Тој рече дека е потребно многу центрифугирање и долго време за да се произведе таков вид на материјал каков што бил пронајден и дека такви активности немало во Иран. Инаку збогатениот ураниум може да се употреби за нуклеарно оружје. Меѓународната агенција му даде рок на Иран до крајот на октомври да докаже дека нема програма за нуклеарно оружје.

Северна Кореја – Нуклеарна програма

Северна Кореја бара нов мировен механизам за Корејскиот полуостров, кој би го заменил одбранбениот договор што го склучија Јужна Кореја и САД пред 50 години.

Портпаролот на министерството за надворешни работи на Северна Кореја кажа дека постоечкиот договор ги попречува меѓукорејските односи и го спречува решавањето на кризата околу нуклеарниот развој на Пјонгјанг. Јужна Кореја и САД в среда ќе ја одбележат 50 годишнината од нивниот меѓусебен одбранбен договор. Според одредбите на тој договор 37 илјади американски војници се наоѓаат во Јужна Кореја како брана од милионската армија на Северна Кореја. Во Токио, американски, јапонски и јужнокорејски дипломати се сретнаа за да ја разгледаат стратегијата за справување со нуклеарната програма на Северна Кореја.

Русија – Конференција за климатски промени

Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека Москва се уште не одлучила дали да го ратификува договорот од Кјото за контрола на глобалното затоплување.

Во говорот во Москва на отворањето на петдневната меѓународна конференција за климатски промени, господинот Путин кажа дека руската Влада и натаму го проучува проблемот и дека одлуката за спогодбата ќе биде донесена во согласност со руските национални интереси, но не даде временска одредница. Со договорот од Кјото, од индустрилијазираните земји се бара да го намалат испуштањето на оние гасови кои се сметаат за причинители на глобалното затоплување. Одобрувањето од страна на Русија и суштинско за да стапи на сила Протоколот од Кјото од 1997 година, со оглед на тоа што САД одбија да учествуваат на конференцијата.

Италија – Електрична енергија

Во поголем дел од Италија повторно има електрична енергија по вчерашниот прекин кога неколку часа без струја останаа околу 57 милиони Италијани.

Прекинот што ги погоди речиси сите делови на Италија, неофицијално е причина за смртта на четири лица. Десетици илјади луѓе беа заглавени во лифтовите, метроата и на железничките станици. Италијанските власти сметаат дека прекинот се должи на отежнатата дистрибуција од Франција и Шварцарија, од каде што Италија увезува 17 отсто од електричната енергија. Во овие две земји имало невреме, но швајцарските и француските власти велат дека проблемот бил на италијанска територија.

Лора Буш – Франција

Првата дама на САД, Лора Буш ја истакна американската подготвеност да соработува со напорите на УНЕСКО за размена на информациите со светот.

Госпоѓа Буш пред Генералната конференција на Организацијата на ОН за образование, наука и култура, што се одржува во Париз, кажа дека САД имаат многу да понудат и многу да научат во време кога по речиси 20 години, повторно се враќаат во оваа организација. Таа подвлече дека денес светот се соочува со многу предизвици и работата на УНЕСКО ја нарече поитна од кога и да е порано. САД се повлекоа од УНЕСКО во 1984 година, повикувајќи се на лошо управување и обвинувајќи дека организацијата била антизападно орентирана. Претседателот Буш минатата година ја објави американската одлука за повторно пристапување во оваа организација.

XS
SM
MD
LG