Линкови за пристапност

Роберт Пејп:Поврзувањето на исламскиот фундаментализам со самоубиствениот тероризам е погрешно - 2003-09-25


Самоубиствените бомбашки напади речиси секојдневно се на насловните страници во весниците и на телевизиите во светот. Ирак е последното бојно поле каде што се појави оваа ужасна тактика. Самоубиствените напади се пораспространети отколку што генерално се смета.

Вообичено мислење е дека исламскиот радикализам е основна кауза на самоубиствените напади. Овие напади често се користат во Израел, а сега и во Ирак. Но бројките покажуваат нешто друго, па дури и изненадувачка приказна.

Роберт Пејп, професор по политички науки на Универзитетот во Чикаго има база на податоци на сите самоубиствени бомбашки напади во последните 20 години.

„Факт е дека прва во светот по самоубиствени напади е групата Тамилски тигри во Шри Ланка. Оваа група извршила 75 од вкупно 188 во целиот свет. Затоа, поврзувањето на исламскиот фундаментализам со самоубиствениот тероризам е погрешно“, истакнува тој.

Тамилските тигри се сепаратистичка група со марксистичка идеологија. Се верува дека оваа група за прв пат го употребила таканаречениот “самоубиствен елек“ во кој се става експлозив, што напаѓачот го облекува и го активира кога ќе биде на целта.

Секаде каде има самоубиствени бомбашки напади, вели господинот Пејп, има заедничка нишка.

„Не се поттикнати од религијата, туку од јасна стратешка цел. Она што е заедничко за сите самоубиствени терористички кампањи во последните 20 години е дека групите што ги извршуваат сакаат да ги принудат либералните демократии да ги повлечат воените сили од територијата која терористите ја сметаат за татковина, од Либан, преку Шри Ланка, Кашмир, па се до блискоисточниот Западен брег“, вели .

Дури и ал-Каида се вклопува во овој модел. Оваа терористичка група сака да изнуди повлекување на сите американски трупи од Персискиот Залив.

Господинот Пејп вели дека иако терористичките групи истовремено користат герилски тактики и самоубиствени бомбашки напади, тие повеќе се потпираат на самоубиствени напади заради фрустрацијата кога не успева герилската тактика против супериорните воени сили. Тоа, според господинот Пејп, се случува во Ирак.

„Герилските напади што се изведуваа претежно во првите неколку месеци од војната всушност го изгубија ефектот затоа што американските сили почнаа да ги прогонуваат и се повеќе можат да се справуваат со обичните герилски напади. Од друга страна, групите се свртуваат се повеќе кон самоубиствени напади. Овој модел за жал е многу вообичаен“, истакнува г-динот Пејп.

Самоубиствените бомбашки напади предизвикуваат одвратност и бес кај населението што е нападнато, што е причина владите да заземаат тврди позиции. Но, распоредувањето на бројни воени сили за да се совладаат терористите не успева секогаш. Господинот Пејп вели дела како резултат на серии бомбашки напади во минатото, некои влади започнале да прават отстапки, бидејќи убиделе дека само со сила не можат да ги запрат овие напади. Терористите, според него, откриле дека самоубиствените напади им носат политичка добивка.

Господинот Пејп вели дека САД и другите држави кои се цели на самоубиствени напади единствено можат да ги зајакнуваат домашните безбедносни мерки. Според неговите податоци, вкупниот број на терористички напади во светот всушност е намален последните неколку години, но се повеќе има самоубиствени бомбашки напади.

XS
SM
MD
LG