Раководителот на привремената американска администрација во Ирак, Пол Бремер денеска се враќа на Капитол Хил да одговара на тешки прашања од законодавците загрижени за сумата која се бара од Американците да ја потрошат во Ирак. Амбасадорот Бремер вчера се појави пред комисии на Сенатот и Претставничкиот дом каде се обиде да ги убеди членовите на Конгресот дека новите пари што тие ќе ги одобрат ќе бидат умно и ефектно потрошени.
Потсетувајќи на Маршаловиот план, програмата за помош со која на Германија и се помогна да се опорави од Втората светска војна, господинот Бремер ги претстави потребите на Ирак како ургентни пред членовите на поткомисијата за распределување на средства на Претставничкиот дом.
„Создавање на суверен, демократски, уставен и просперитетен Ирак ќе биде удар за терористите. Тоа ќе покаже дека може да се има слобода и достоинство без употреба на камиони-бомби за убивање невини. Тоа ќе покаже дека лажат оние кои не опишуваат како непријатели на Исламот, непријатели на Арапите, непријатели на сиромашните. Тоа е причината што на барањето на претседателот треба да се гледа како на важен елемент во глобалната војната против тероризмот“, вели г-динот Бремер.
Многу е веројатно дека Сенатот и Претставничкиот дом ќе го имаат барањето на претседателот за 87 милијарди долари на дневниот ред во наредните две недели.
Сепак демократите го употребуваат тоа барање, како и резултатите на неодамна спроведеното истражување на јавно мислење кои индицираат намалување на поддршката за претседателот во однос на Ирак, да упатат повеќе критика кон Републиканците и администрацијата.
Републиканските лидери во Претставничкиот дом предвидуваат дека барањето на претседателот за дополнителни средства од буџетот наменети за Ирак ќе биде усвоено и нивната намера е веднаш да го пренесат барањето пред целиот состав на Претставничкиот дом.
Создавајќи непријатност кај демократите, господинот Бремер одби да шпекулира за времетраењето на ангажманот на американските сили во Ирак. Тој одби да даде детали и за тоа уште колку пари администрацијата може да побара, како дел од регуларниот буџетски план за 2005 година, за Ирак.
Денеска на Капитол Хил заедно со господинот Бремер ќе биде заменик секретарот за одбрана Пол Волфовиц, за кого некои демократи во Конгресот сметаат дека треба да си даде оставка и да ја преземе одговорноста за слабото планирање и проблемите со кои САД денес се соочени во Ирак.