Во Македонија нема да има војна, барем не наскоро, тврди поранешниот директор за Македонија во Меѓународната кризна група, Ед Џозеф, кој вчера говореше во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон.
Анализирајќи ја актуелната состојба во Македонија, господинот Џозеф рече дека иако таа не е иста како во 2001 година, и натаму има опасност од дестабилизација. Во врска со неодамнешните инциденти, тој вели дека не е важно дали се работи за криминалци или за екстремисти кои сакаат Голема Албанија, ефектот е ист: тие создаваат страв и покажуваат дека тоа е земја што не ги контролира своите граници и дека е нестабилна. Но, тој кажа дека ситуацијата треба да се гледа и од друг аспект: Македонија постојано покажува дека не само со полицијата, туку и во многу други области нема капацитет, нема кохезија да се справи со овие закани, истакна тој. Поранешниот директор за Македонија во Меѓународната кризна група ја критикуваше меѓународната заедница дека создава опасна ситуација со тоа што Македонија се прогласува за голем успех. Тој ги назначи и областите на кои странските дипломати и експерти ја засноваат ваквата констатација: успешните избори и трансферот на власта, коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ и мешаните етнички полициски сили. Ед Џозеф посочи некои од главните проблеми што укажуваат дека напредокот е многу бавен, како нефункционирањето на локалната самоуправа, полицијата која практично не спроведува ред и законитост на целата територија, судскиот систем го нарече катастрофален и на крајот кажа дека Меѓународниот монетарен фонд очекува многу мал економски напредок. Меѓутоа, Џозеф кажа и дека згора на тоа, меѓународната заедница наместо повеќе да помогне, побарала од Македонија да испраќа војници во Ирак. Исто така, тој негативно го оцени односот на меѓународната заедница кон Македонија во врска со Меѓународниот кривичен суд.
Македонија е држава што не може да си дозволи да биде вовлечена во спорот меѓу Европа и САД. За разлика од Ирак, Европа е потполно обединета во ставот за Меѓународниот кривичен суд. Дури и Британците, изјави тој. Ед Џозеф го изнесе и своето мислење за тоа како меѓународната заедница може да и помогне на Македонија. Пред се тој кажа дека невладините организации може многу да придонесат во подобрување на меѓуетничките односи и дека треба да се обрне големо внимание на образованието. Тој исто така го изнесе ставот на Меѓународната кризна група дека би било многу опасно доколку САД ги повлечат своите трупи од Балканот. Една од клучните работи за подобрување на состојбата во Македонија, според него, е итно решавање на статусот на Косово, сеедно дали ќе биде независна држава или дел од Србија. Притоа особено го потенцираше ставот на премиерот Бранко Црвенковски што нему лично му го изнел: Она што тој го кажа јавно, но и приватно е дека е подобро за Македонија Косово да стане независно и да владее законот отколку да остане дел од српската федерација и да има беззаконие. Практично мислам дека Црвенковски ја допре суштината на проблемот. Во своето излагање насловено како Македонија меѓу конфликт и стабилност: Надминување на корупцијата, насилството и национализмот, Ед Џозеф кажа дека актуелната Влада не сторила многу за подобрување на економијата, но притоа истакна дека треба да се има предвид дека целиот Балкан во моментот не е најдобро место за инвестирање.