Францускиот претседател Жак Ширак го искористи неговиот говор на Заседанието на Генералното собрание на ОН за жесток напад врз американските акции во Ирак. Говорот на г-динот Ширак уследи по обраќањето на претседателот Буш кој зборуваше во одбрана на американските акции.
Во говорот исполнет со многу страсти, францускиот лидер рече дека американската одлука за соборување на Садам Хусеин ги вовела ОН во една од најтешките кризи во нивната историја. Говорејќи на Заседанието на Генералното Собрание, г-динот Ширак кажа дека Советот за безбедност треба да одлучува за употребата на сила.
“Никој не може да се повика на правото на употреба на сила, ниту еднострано, ниту превентивно. Од друга страна, во пресрет на растечките закани, државте мора да бидат сигурни дека Советот има соодветна улога во проценката и колективната акција и оти тој има волја да делува“, рече францускиот претседател.
Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан во обраќањето на отворањето на Заседанието, го посочи истото, велејќи дека е време за отфрлање на унилатерализмот. Г-динот Анан, логиката за оправдување на американската одлука за едностано делување во Ирак ја нарече „фундаментален предизвик за принципите врз кои се основани ОН“.
Претседателот Ширак, во својот говор, рече дека светската организација мора да ја надгледува транзицијата на трансферот на суверенитетот во рацете на ирачкиот народ.
„Од ОН зависи наметнувањето на својот легитимитет во процесот, и исто така од ОН зависи помошта за постепен трансфер на административните и економските надлежности на ирачките институции, според реална временска рамка“, порача тој.
Г-динот Ширак го повтори инсистирањето на Франција за неопходноста меѓународните сили во Ирак да бидат под мандат на ОН. Но тој рече дека силите треба да бидат под американско раководство, бидејќи тие учествуваат со најголем број трупи.