Северна Кореја ја отфрли резолуцијата на Меѓународната агенција на ОН за атомска енергија, со која од оваа комунистичка земја се бара да запре со развивањето на нуклеарно оружје. Оваа реакција се случува во време кога се прават напори за организирање на втора рунда разговори за нуклеарното прашање.
Официјалната Корејска Централна новинска агенција денеска јави дека Северна Кореја нема ништо со Меѓународната агенција за атомска енергија и ја отфрла минатонеделната резолуција.
Во извештајот, Меѓународната агенција се опишува како „политичка слугинка“ на САД.
Северна Кореја го обвинува Вашингтон за спорот околу нејзините активности за производство на нуклеарно оружје, истакнувајќи дека оружјето и е потребно за да се заштити себе си од САД.
Во резолуцијата што беше усвоена во петокот во Виена, Меѓународната агенција за атомска енергија бара од Северна Кореја „целосно да прекине“ со работата на нуклеарно оружје. Исто така од Пјонгјанг се бара „да ги прифати сеопфатните безбедносни мерки на Агенцијата“ и да соработува со неа во нивното имплементирање.
Но оваа изолирана комунистичка земја, која пред 9 месеци се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје, вели дека резолуцијата „не заслужува ни попатен коментар“.
Спорот околу севернокорејските нуклеарни амбиции започна пред една година, кога американски претставници соопштија дека Пјонгјанг признал оти поседува програма за нуклеарно оружје, што претставува прекршување на неколку меѓународни договори.
Марк Гвоздецки, портпарол на Меѓународната агенција за атомска енергија вели дека најновиот истап на Северна Кореја се во согласност со нејзиното долгодишното однесување на непочитување на правилата.
„Не, ние на ова не гледаме како на повлекување. Вакви резолуции беа донесувани секоја година, во изминатава деценија, кои ја одразуваат тажната реалност, оти ние немаме онаква соработка со Северна Кореја каква што ни е потребна. Веќе цела деценија немаме таква соработка во однос на тоа да се знае што се случува во земјата во врска со нејзината нуклеарна програма“, вели тој.
Исто така денеска, американската Армија соопшти дека распоредува нови беспилотни шпионски летала во Јужна Кореја. Набљудувачките авиони Shadow-200 кои го надгледуваат движењето на непријателот и ги анализираат штетите на бојното поле, биле користени и во војната во Ирак под американско раководство.
Ова распоредување е дел од напорите за зајакнување на одбраната против Северна Кореја, во вредност од 11 милијарди долари, што Пјонгјанг го нарече поттикнување на војна. САД имаат 37.000 војници во Јужна Кореја, за да помогнат во спречувањето на евентуален напад од Северот. Двете Кореи од технички аспект и натаму се во војна, иако Корејската војна беше прекината во 1953 година со договор за примирје.