Линкови за пристапност

вести - 2003-09-17


Ирак

Арапската телевизиска станица Ал Арабија емитуваше, како што вели, нова аудио снимка од соборениот ирачки лидер Садам Хусеин.

Гласот на снимката ги повикува Ирачаните да водат света војна против силите предводени од САД во Ирак, а Американците ги повикува да го напуштат Ирак колку е можно побрзо. Говорникот уште вели дека се надева оти Советот за безбедност на ОН нема да западне во, како што ја нарекува, црната замка на американската политика. Членките на Советот ја разгледуваат американската нацрт-резолуција со која ОН би добиле поширок мандат за распоредување на меѓународни трупи во Ирак под американмска команда. Претставник на американското разузнавање вели дека екпертите допрва треба да утврдат дали емитуваната аудио-снимка е автентична.

Израел – Палестинци

Арапските лидери го критикуваат американското вето на резолуцијата на ОН со која од Израел се бараше да не му нанесе штета или да го протера палестинскиот претседател Јасер Арафат.

Шефот на Арапската лига Амр Муса денеска во Каиро изјави дека се надева оти американското вето не значи дека Вашингтон ја поддржува израелската политика за протерување на палестинскиот лидер. САД се противат на ирачката идеја за депортација, но рекоа дека резолуцијата на ОН е неурамнотежена. Некои арапски политичари велат дека американското вето го доведува во прашање кредибилитетот на Вашингтон како посредник во мировните разговори меѓи Израел и Палестинците. Г-динот Арафат го нарече ветото неважно.

Шпанија – Тероризам

Шпанскиот суд за анти-тероризам поднесе обвиненија против 35 лица, меѓу кои Осама бин Ладен и новинарот на арапската телевизиска станица Ал Џазира, за улогата во терористичките напади во САД во 2001 година.

Во обвинението од 700 станици што денеска е објавено во Мадрид, судијата Балтазар Гарзон објави меѓународни потерници за апсење на лидерите на Ал Каида и на другите обвинети. Тој исто така ги ратификуваше наредбите за притвор за 11 осомничени кои веќе се наоѓаат во шпанска надлежност. Еден од нив е Тајсер Алуни, дописник на Ал Џазира кој непосредно по терористичките напади на 11 септември го интервјуирал Осама бин Ладен. Шпанските власти на почетокот на овој месец го уапсија новинарот во Гранада на југот на Шпанија, под сомнение за поддршка на тероризмот-обвинувања што тој ги негира.

Либерија

ОН започнаа со дистрибуција на храна за илјадниците Либеријци во вториот по големина град, Буканан.

Програмата за храна на ОН вели дека конвојот камиони со напотребните залихи од храна пристигнал во градот доцна синоќа. Помошта е доволна за да се нахранат најмалку 16.000 луѓе. Бунтовниците и натаму го контролираат Буканан и покрај минатомесечниот договор за примирје. Западноафриканските мировници минатата недела се пробија до предградието на Буканан за да ја обезбедат областа, но се уште не се влезени во градот. Околу еден милион Либеријци низ цела земја имаат потреба од помош, по речиси 14 годишна постојана граѓанска војна.

Британија – Истрага

Британскиот новинар Ендрју Гилијан се извини за грешките во објавениот извештај во кој се стоеше дека владата, како што се вели, го дотерала досието за ирачкото оружје за да ја оправда идејата за оттпочнување војна во Ирак.

Господинот Гилиан денеска изјави дека направил грешка кога идентификувал неименуван консултант за одбрана како член на британското разузнавање и за тоа дека во извештајот имплицирал оти владата била нечесна. Владата негираше дека ја преувеличила ирачката закана, а британскиот експерт за оружје, Дејвид Кели, кој наводно изврши самоубиство, порекнуваше дека обезбедил информации за извештајот на Би-Би-Си.

Ураган Изабел

Ураганот Изабел полека се приближува кон американскиот источен брег, принудувајќи десетици илјади жители од крајбрежјето да ги напуштат домовите.

Предупредувањето за ураган е на сила од Јужна Каролина до Мериленд. Американскиот национален центар за урагани вели дека бурата најверојатно најсилно ќе удри на бреговите на Северна Каролина, а потоа ќе се придвижи на север преку државите Вирџинија, Мериленд и Пенсилванија. Речиси 50 милиони луѓе живеат на проектираната патека на ураганот. Властите советуваа околу 100.000 луѓе од брегот на Северна Каролина да се евакуираат пред четврток кога се очекува најголемото невреме.

XS
SM
MD
LG