Г-динот Пауел за новинарите во Багдад изјави дека се надева оти новите американски предлози, уште еднаш на ОН ќе им дадат силен политички мандат во Ирак.
„ОН треба да играат суштинска улога. Сакаме тие да бидат ангажирани што е можно повеќе. Токму затоа, толку напорно работиме во полза на оваа резолуција“, истакна г-динот Пауел.
Г-динот Пауел во неделата пристигна во Ирак од Женева, каде за американскиот предлог разговараше со министрите за надворешни работи на другите земји постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Тој изјави дека разликите околу предлогот остануваат, но изрази увереност дека досега од најголем број од земјите-членки доаѓаат позитивни одговори.
Франција предлага враќање на суверенитетот на ирачките лидери следниот месец, и одржување на избори на почетокот на следната година. Г-динот Пауел вели дека ваквиот развој на настаните е пребрз. Тој рече дека единствен начин за гарантирање на иден стабилен и демократски Ирак е преку планиран процес за изградба на институциите на власта и за воспоставување на устав.
„Најлошата работа што може да ни се случи е да го водиме овој процес пребрзо, пред да се постигне капацитет за владеење и легитимна основа, и да видиме како тоа е неуспешно. Ние не сме окупатори. Ние овде дојдовме со легитимен мандат за спроведување окупација според меѓународните закони, но дојдовме како ослободители“, рече американскиот претставник.
Секретарот Пауел објави дека во Ирак се уште постои нестабилност, но додаде дека делови од Ирак, посебно северниот и јужниот се безбедни, и ирачките безбедносни сили се се` побројни и стануваат поорганизирани.
Еден час пред пристигнувањето на секретарот, еден американски војник бил убиен, а тројца биле повредени во напад врз нивниот конвој во Фалуџа. Градот е во тага по повод загинувањето на деветмината ирачки полицајци и еден јордански чувар во петокот, во ненамерен инцидент со американските војници.