Состанокот на Светската трговска организација што се одржуваше во Канкун, Мексико, вчера доживеа колапс откако министрите од земјите во развој го отфрлија нацрт-договорот во кој, како што велат, неадекватно се постапило со земјоделските субвенции. Со ова се доведува во прашање иднината на напорите за постигнување светски трговски договор.
Многу претставници на анти-трговски, невладини организации го прославуваа неуспехот на разговорите. Она што стотици демонстранти не успеаа да го сторат во изминативе пет дена за време на состаноците во Канкун, на крајот го сторија самите учесници.
Колапсот уследи откако таканаречената Група од 21 или група која сега вклучува околу 25 земји го отфрли нацрт-предлогот кој требаше да ја постави основата за разговорите за постигнување на светски трговоски договор до крајот на 2004-та.
Индустријализираните земји предводени од ЕУ, инсистираа во договорот да бидат вклучени прашања како правила за инвестирање, со кои би се заштитиле компаниите што вложуваат во проекти и деловни зделки во земјите во развој. Но, претставниците на овие земји велат дека документот треба главно да се фокусира на намалување на земјоделските субвенции во богатите земји, така што сиромашните земјоделци би можеле да напредуваат.
Очигледно разочаран, американскиот трговски претставник Роберт Золик изјави дека разговорите пропаднале бидејќи некои земји попрво сакале да се вклучат во реторика, отколку во сериозни преговори. Запрашан дали вината треба да се фрли на земјите во развој, тој одговори – Сите ние сме виновни.
Г-динот Золик вели дека САД и натаму се определени да промовираат слободна трговија, унилатерално и во рамките на Светската трговска организација. Тој вели дека слободната трговија ветува добра иднина и за богатите и за сиромашните земји.
„Развиените и земјите во развој треба да напредуваат заедно. Ќе имаме корист од нивниот напредок и намалувањето на нивната сиромаштија. Затоа сме определени за тоа. Затоа, трошиме 752 милиони долари годишно во изградба на трговски капацитети. Сакаме да им помогнеме на овие земји, а со тоа ќе се зголеми и трговија во светот“, рече тој.
Претставници од неколку невладини групи ги обвинуваат САД и ЕУ за колапсот на разговорите во Мексико. САД и Унијата се критикувани за, како што се вели обидот да вршат притисок врз посиромашните земји во договорот да вклучат производи кои оригинално не биле на агендата.
Но, Генералниот секретар на Светската трговска организација, Супачаи Панитчпакди на проблемот му пријде со поголем оптимизам, велејќи дека светските трговкси разговори мора да продолжат за да се спречи опаѓање на светската економија. Тој изјави и дека земјите членки на организацијата ќе работат на надминување на разликите и за продолжување на разговорите до крајот на годинава.