Следува уреднички коментар што одразува гледишта на американската Влада:
Пред две години, по трагичните напади на ал Каида врз Светскиот трговски центар и Пентагон, САД започнаа глобална војна против тероризмот. Како што кажа претседателот Џорџ В. Буш, коалицијата под американско раководство прво започна со акција во Авганистан, со уништување на камповите за обука на Ал Каида и со соборување на екстремистичкиот муслимански талебански режим што ги штитеше:
„Во серијата рации и упади ширум светот, фатени се или убинени речиси две третини од познатите лидери на Ал Каида, и ние продолжуваме со потрагата по Ал Каида. Ги откривме фронталните терористички групи, ги запленивме терористичките сметки, презедовме нови мерки за заштита на нашата земја и ги разоткривме тајните ќелии внатре, во САД“, рече американскиот претседател
Вториот фронт во војната против тероризмот е Ирак, каде поранешниот режим на Садам Хусеин поседуваше и користеше оружје за масовно уништување и го спонзорираше тероризмот. Работата во Ирак продолжува, рече претседателот Буш.
„Ние му помагаме на населението кое долго време страдаше да изгради пристојно и демократско општество во центарот на Блискиот исток. Заеднички, ние го трансформираме местото на ќелии за мачење и масовни гробници во држава на закони и слободни институции“, истакна тој.
Блискиот исток, рече г-динот Буш или ќе стане место на напредок и мир или ќе биде извозник на насилство и терор што ќе однесат уште повеќе човечки животи во Америка и во другите земји:
„Триумфот на демократијата и толеранцијата во Ирак, во Авганистан и пошироко, ќе биде голем пораз за меѓународниот тероризам. Терористите се потпираат на поддршката на тираните и на несреќата на репресираниот народ. Кога тираните ќе паднат, и кога несреќата ќе и даде шанса на надежта, мажите и жените во секоја култура ќе ги отфрлат идеологиите на терор и ќе се свртат кон потрагата по мир“, рече г-динот Буш.
Терористите го разбираат тоа. Тие се обидуваат преку акти на насилства да ги натераат САД и нивните коалициони партнери да го напуштат Ирак пред власта да биде воспоставена. Но како што кажа претседателот Буш, „ние ќе сториме се што е потребно, ќе потрошиме колку што е потребно за да постигнеме суштинска победа во војната против теророт, за промовирање на слободата и за да ја направиме нашата земја уште побезбедна“.
Тоа беше уредничкиот коментар што одразува гледишта на американската Влада. Доколку имате свој коментар на него, Ве молиме испратете го на адреса: Editorials, VOA Washington DC 20237 USA Можете да реагирате и на адреса: www.IBB.gov/editorials