Линкови за пристапност

Папата Јован Павле Втори од утре во посета на Словачка - 2003-09-10


Папата Јован Павле Втори утре ќе отпатува за Словачка, каде според најавите, во своето обраќање ќе се фокусира на Европа и на евроската иднина.

Стотици илјади лица се очекува да присуствуваат на мисата што 83-годишниот Папа ќе ја држи на отворено. Стравувајќи дека поради нарушеното здравје, би можело ова да биде негова последна посета на централна Европа, многумина од присутните ќе пристигнуваат и преку соседна Полска.

Здравјето на Папата изгледа дека се влоши во изминатиов месец, главно заради неодамнешните мошне високи температури во Рим. Во Словачка, која брои 5,4 милиони жители, од кои 70 проценти се Католици, Папата ќе престојува четири дена, при што ќе одржи миси и ќе им се обрати на бискупите во земјата.

Папата верува оти Словачка, која треба да и се приклучи на ЕУ во мај, може да има значителен придонес за стариот континент. Неговата порака според најавите ќе биде фокусирана на европските прашања и на потребата за справување со злото на секуларизмот од западен стил и анти-семејните активности како што е абортусот.

Папата Јован Павле Втори неодамна повика донесување на нов европски устав, во кој експлицитно ќе биде споменато христијанското наследство на Европа. Земјите-членки се надеваат да го потпишат уставот кон крајот на оваа година.

Заради престојната посета на Папата, забележано е зголемено обезбедување во Словачка. Властите неделава водеа истрага по смртната закана против папата, но не соопштија никакви деталји.

Словачка ќе биде сто и второ и последно за годинава патување на Папата во странство, за време на неговата речиси 25-годишна служба. Тој не ја отфрли можноста за дополнителни патувања во странство како во Швајцарија, Австрија, Франција и Полска наредната година иако ниту една од овие посети не е потврдена.

XS
SM
MD
LG