Линкови за пристапност

Турција ќе испрати 10.000 војници во Ирак - 2003-09-10


Американски и турски претставници вчера се состанаа во Анкара на разговори за условите под кои илјадници турски трупи би можело да бидат испратени во Ирак, каде ќе им се придружат на коалиционите сили под водство на САД.

Разговорите на кои учествуваат високи воени претставници и дипломати од САД и Турција се фокусирани на бројните услови, кои Турција бара да бидат исполнети во замена за распоредување на околу 10.000 војници во Ирак.

Турција, меѓу другото, бара нејзините трупи да бидат под команда на турски генерал, а САД да ги разоружаат и да ги протераат бунтовничките турски Курди во северен Ирак.

Разговорите уследија откако турската Влада понуди испраќање свои трупи како помош на коалицијата во Ирак. Овој потег има за цел да ги подобри затегнатите односи меѓу САД и Турција. На 1-ви март турскиот Парламент го одби предлог-законот со кој требаше да се дозволи распоредување на американски трупи на турска територија од каде САД планираа да отворат втор фронт против Ирак.

Турската владеачка Партија за правда и развој вели дека е потребно Парламентот да дозволи испраќање на војници. Најновите испитувања на јавното мислење покажуваат дека поголемиот број Турци се противат на ваквата идеја.

Од друга страна, аналитичарите велат дека Парламентот, каде владеачката партија има апсолутно мнозинство, најверојатно ќе одобри ваков чекор доколку ОН или НАТО дадат зелено светло за распоредување на меѓународни мировници во Ирак.

Против присуство на турски трупи во Ирак се и некои ирачки групи. Новоименуваниот ирачки министер за надворешни работи, Хошуар Зебари, за катарската телевизија Ал-Џазира изјави дека трупи од ирачкото соседство само ќе придонесат за и онака нестабилната состојба. Г-динот Зебари, инаку етнички Курд, посочи на поранешната турска воена интервенција во северен Ирак што е под контрола на Курдите, како на пример за тоа какви проблеми можат повторно да избијата доколку во Ирак бидат испратени голем број турски војници.

Поттикнувајќи го турскиот придонес во трупи, САД јасно ставија на знаење дека овие војници би биле распоредени надвор од ирачките области контролирани од Курдите.

XS
SM
MD
LG