Линкови за пристапност

Анан: Во ОН нема согласност околу тоа што се заканите и како да се реагира на нив - 2003-09-09


Првиот човек на Светската организација на средбата со новинарите говореше за напредокот во работата на Милениумската декларација, што беше објавена пред три години. Минатомесечниот напад на седиштето на ОН во Ирак се одрази негативно на целите на Милениумската декларација, кажа г-динот Анан, подвлекувајќи дека нападот го потресол меѓународниот систем во целина, а него лично му оставил нелагоден впечаток дека системот повеќе не функционира.

„Земјите-членки се строго поделени во врска со некои од најфундаменталните проблеми со кои оваа организација се има зафатено. Сите сме согласни дека постојат нови закани, или, подобро кажано, дека старите закани излегоа на површина во нова и поопасна форма. Но, се чини дека не сме согласни околу тоа што точно се тие закани, или како да реагираме на нив, па дури и дали реакцијата да биде колективна. Се чини дека повеќе не сме согласни околу тоа што се заканите и како да се реагира на нив“,истакна генералниот секретар.

Господинот Анан ги укори членките на Советот за безбедност што не успеале да изградат консензус за Ирак. „Сите земји-членки треба да ја имаат предвид глобалната реалност и гледиштата и интересите на другите. Мора да си зададт поголем приоритет со тоа што ќе најдат повисоко ниво на консензус и со тоа што ќе постигнат согласност за заедничките стратегии, отколку да дејствуваат по свое. И доколку не сакаат другите да дејствуваат по свое, треба да покажат како мултилатералниот систем навистина може да се справи со проблемите што се од грижа за останатите“, рече тој.

Генералниот секретар смета дека е итно потребна реформа на системот на ОН, под што спомена и проширување на Советот за безбедност. Тој кажа дека им пишал на сите 191 земји-членки, барајќи овој месец да понудат нови идеи за борба против тероризмот и ширењето на оружјето за масовно уништување, како и за борба против сиромаштијата и промовирање на развојот.

Господинот Анан планира в сабота во Женева да одржи средба со петте постојани членки на Советот за безбедност во врска со американската нацрт-резолуција за Ирак. Со овој предлог на Вашингтон се бара Советот за безбедност да одобри мултинационални сили под американска команда, што би помогнале во стабилизација на Ирак.

XS
SM
MD
LG