Линкови за пристапност

Дополнителни 1.200 британски трупи ќе заминат во Ирак - 2003-09-09


Британија најави дека ќе испрати нови 1.200 војници во Ирак како одговор на зголеменото терористичко насилство во земјата. Британскиот секретар за одбрана Џеф Хун го информираше парламентот дека дополнителни два баталјона се на пат за Ирак. Со нив, бројот на британски војници во Ирак ќе се зголеми на преку 12.000. Господинот Хун го образложи потегот со, како што рече, вознемирувачкиот пораст на терористички напади минатиот месец. Според него, дополнителниот број британски војници ќе имаат три основни задачи: да ја заштитат приверемената коалициона власт под американско раководство, да ги бранат останатите британски сили, и да ги обучуваат ирачките сили за цивилна одбрана.

„Сакаме што е можно побрзо да ги префрлиме безбедносните обврски на Ирачаните - тие самите да ја преземат одговорноста да се грижат за сопствените работи“, рече секретарот Хун.

Портпаролот за одбранбени прашања на опозиционата Конзервативна партија, Бернард Џенкин, пак, смета дека постојното насилство и зголемувањето на бројот на британските сили во Ирак само го одразува неуспехот во поствоеното планирање на британското министерство за одбрана.

„Владината полика кон Ирак е во распаѓање. Згора на се, во писмената најава на господин Хун се вели дека можеби ќе испрати засилување во Ирак, иако тој се уште нема целосно разработен план за тоа“истакна тој.

Веста за испраќање на засилување во Ирак коинцидираше со резултатите од најновото испитување на јавното мислење, според која популарноста на премиерот Тони Блер е во пораст, и покрај контроверзите во врска со Ирак и самоубиството на британскиот експерт за оружје Дејвид Кели

Според анкетата на весникот Тајмс, 39 проценти од анкетираните ја поддржуваат Лабуристичката партија на премиерот Блер, што е за пет проценти повеќе од анкетата извршена минатиот месец. Конзервативците добија 32 проценти, а либерал-демократите 19.

XS
SM
MD
LG