Со нацрт-резолуцијата што ја предлагаат САД, ОН би добиле поголема воена и политичка улога во Ирак-нешто што извесен број земји кои покажаа волја за учество со трупи го побараа во замена за согласност за испраќање на свои сили таму. Но државниот секретар Колин Пауел вели дека секакво проширување на силите со поддршка од ОН ќе биде под команда на американски генерал, што е и клучното барање на Пентагон.
„Доколку резолуцијата биде усвоена, во неа ќе има еден елемент со кој се предвидува САД како лидер на воената коалиција редовно да поднесуваат извештај до ОН, бидејќи се работи за мултинационални сили одобрени од ОН“, рече г-динот Пауел.
Со предложената резолуција исто така ќе се повикаат Ирачаните да предложат временски рок за нацрт-устав и за одржување на слободни избори за создавање на, како што го нарече државниот секретар, политички хоризонт за транзиција на земјата кон уставна демократија.