Линкови за пристапност

Најнови вести 3 септември 2003 - 2003-09-03


Ирак

Американската армија контролата врз дел од централен Ирак им ја предаде на меѓуанродните сили под водство на Полска.

Денешното предавање на контролата доаѓа во време кога администрацијата на претседателот Буш разгледува дополнителни начини за споделување на безбедносниот и финансискиот товар во Ирак. Американските дипломати имаат за цел да побараат нова резолуција на Советот за безбедност со која би се дефинирала поширока улога на ОН и со која би се дозволило повеќе земји да учествуваат со свои трупи и средства. Во меѓувреме, денеска е преземен нов чекор во транзицијата кон нова ирачка влада, со инаугурацијата на министрите избрани од страна на ирачкиот владеачки совет назначен од САД. Кабинетот ќе има одредени одговорности но целокупната власт и натаму ќе биде во рацете на американски администратор.

Ирак-Брисел-помош

Претставници од САД и други поголеми земји-донатори и организации се среќаваат во Брисел на разговори за начините за повторна изградба на Ирак.

Американските претставници денеска изјавија дека состанокот ќе ја постави основата за поголема донаторска конференција што наредниот месец треба да се одржи во Шпанија.

Портпаролот на ЕУ, Ема Удвин вели дека на денешните разговори главно ќе се расправа за создавање на фонд за обнова на Ирак под контола на Светската банка и ОН, наместо контролата да ја имаат САД или Привремената управа во Ирак под водство на САД.

Американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер вели дека обновата Ирак можно е да чини десетици милијарди долари.

Махмуд Абас-можна оставка

Палестинскиот министер за информации Набил Амр вели дека премиерот Махмуд Абас можно е да поднесе оставка на функцијата доколку законодавците не му дадат јасна поддршка и поголеми овластувања.

Г-динот Амр вели и дека премиерот Абас оваа идеја ќе ја изнесе за време на своето утрешно обраќање пред палестинското собрание. Премиерот води борба за власт со палестинскиот претседател Јасер Арафат околу контролата врз безбедносните сили. Безбедносната машинерија е клучот на напорот на г-динот Абас за воведување на реформи. Реформскиот процес треба да опфати запирање на активностите на милитантите што е од особена важност за имплементирање на таканаречената мапа кон мир со Израел, подджаана од САД. Денеска г-динот Арафат мировниот план го прогласи за мртов поради, како што ја нарече, израелската воена агресија.

Британија- Иран

Британија привремено ја затвори својата амбасада во Техеран.

Британското Министерство за надворешни работи вели дека никој не е повреден во денешниот инцидент, кога било пукано врз зградата на амбасадата. Нападот доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Британија и Иран околу апсењето на поранешниот ирански дипломат во Лондон. Претходно, иранскиот амбасадот во Британија Мортеза Сармади се врати во Техеран на консултации. Поранешниот ирански дипломат, Хади Солеиман-пур беше уапсен во Британија минатиот месец во врска со бомбашкиот напад врз еврејски собирен центар во 1994-та година во Аргентина, од кој загинаа 85 лица.

Авганистан-борбени дејства

Авганистанските сили потпомогнати од американските трупи и авиони ги продолжуваат операциите во јужниот планинските предел на Авганистан што се смета за упориште на талебанските борци.

Американските воени претставници во оваа земја велат дека американските војници и американските специјални трупи се наближуваат кон пределот Даи Чопан во провинцијата Забул, како и кон планинските пештери во провинцијата Урузган. Авганистанските власти велат дека веруваат оти околу 300 талебански борци се регрупираат во овој регион. Американските воени претставници проценуваат дека помеѓу 45 и 67 талебански борци биле убиени од отпочнувањето на операцијата минатата недела.

Русија-експлозии

Две експлозии разнесоа патнички воз во јужниот дел на Русија, при што загинаа пет, а повредени се 30 лица.

Руските претставници велат дека бомбите биле поставени на шините на железничката линија што поврзува два града во регионот Ставропол северно од Чеченија. Полицијата уапсила едно лице кое било видено како сака да избега од местото на настанот. Засега никој не ја преземе одговорноста за нападот.

Северна Кореја- Ким Јонг Ил

Севернокорејскиот парламент повторно го назначи Ким Јонг Ил за врховен лидер поддржувајќи ја одлуката на комунистичкото раководство за проширување на, како што ја нарекува нацијата, нуклеарната превентивна сила.

Севернокорејската новинска агенција вели дека г-динот Ил за раководител на Националната комисија за одбрана бил назначен денеска. Комисијата е одговорна за работата на армијата која брои еден милион војници. Г-динот Ил беше на оваа функција 10 години. Државната новинска агенција уште вели дека парламентот ја изразил поддршката на владиниот чекор за зголемување на нуклеарниот арсенал, со цел справување со, како што смета Северот, заканата од американски напад. Не беше дадена информација за точно какво проширување на нуклеарниот потенцијал станува збор.

XS
SM
MD
LG