Линкови за пристапност

Објавени две илјади страници транскрипт од снимките на итните телефонски повици и радио пораки за време на нападите на 11 септември 2001-та - 2003-08-29


Во Њујорк, агенцијата што e сопственик на локацијата каде што беше Светскиот трговски центар, Пристанишната управа, објави две илјади страници транскрипт од снимките на итните телефонски повици и радио пораки за време на терористичките напади на 11 септември 2001-та.

Како што се очекуваше, на транскриптот има трогателни детали за напорите да се напушти Светскиот трговски центар, за евакуација на зградите, за смирување на оние што беа заробени на највисоките катови и на крајот, за справување со избезумените повици од семејствата и пријателите.

Според транскриптот, вработените во комплексот се јавиле на полицијата на Пристанишната управа за да пријават чад и пожар и прашувајќи дали и како да ги напуштат зградите. Еден од повиците бил на менаџерот на ресторанот на врвот од една од зградите, наречен, “Прозорци на светот“. Никој од неговите тогашни гости и вработени не го преживеа нападот.

Транскриптите беа објавени како резултат на тужбата што ја поднесе “Њујорк Тајмс“. Имено, весникот и Пристанишната управа претходно се договориле да го објават документот. Но претставниците на Пристанишната управа се предомислиле, велејќи дека тоа ќе е уште еден удар за семејствата на жртвите. Весникот потоа се обидел по судски пат да го добие транскриптот. Минатиот петок, судот одреди агенцијата да го објави, оставајќи рок до вчера во седумнаесет часот.

Одлуката е контроверзна, со оглед на импликациите што објавувањето може да ги има на семејствата на загинатите. Сепак, некои сметаат дека е исправна. Сали Регенхарт го изгуби својот син, кој бил пожарникар и работел само неколку месеци. Таа вели дека информациите од транскриптот може да спасат животи.

„Секој ден сфаќаме дека мора да живееме без нашите сакани до крајот на животот. Мојата единствена цел е да се осигура дека вакво нешто нема никогаш повеќе да се случи. Нема начин тоа да се обезбеди или да се работи на тоа, без да се знае што се случило на тој ден„.

Други се против. Сони Голдстајн, кој исто така го загуби синот, вели дека објавувањето на транскриптот повторно ќе ги оживее кошмарите на семејствата на жртвите од 11 септември.

„Ова нема никому да му помогне. Нема да спаси никого во иднина. Секогаш ќе ги повредува луѓето кои се инволвирани„.

Од своја страна, Пристанишната управа ги замоли медиумите да се воздржат од објавување на, како што велат, “грозоморни, непотребни и интимни детали“.

XS
SM
MD
LG