Претставниците од шесте земји денеска во Пекинг ги завршја тридневните преговори за нуклеарните амбиции на Северна Кореја. И покрај новата остра реторика од страна на Северна Кореја, разговорите завршиле со ветување за повторна средба.
Последниот ден од преговорите започна со извештаите за заканите од Северна Кореја. Според американските претставници, делегатите од Северна Кореја изјавиле дека земјата е подготвена да се прогласи за нуклеарна сила – и веројатно да спроведе и тестирање, доколку нејзините барања не бидат исполнети.
Заканата доаѓа откако сите шест држави на разговорите ги презентираа своите ставови. Северна Кореја сака САД да потпишат пакт за ненапаѓање. САД ја отфрлија оваа можност, но понудија пишани гаранции дека не постојат планови за напад врз Северна Кореја.
САД и другите држави ги повториле нивните барања до Северна Кореја да ја прекине нуклеарната програма, на која Пјонгјанг работи спротивно на меѓународните договори.
Пјонгјанг исто така побарал Вашингтон да го гарантира дипломатското признавање, а Јапонија и Јужна Кореја да гарантираат економска помош.
Официјалните севернокорејски медиуми денеска упатија агресивна порака, во која се вели дека доколку САД не се согласат на нивните предлози, Пјонгјанг ќе биде присилен да ја зајакне, како што се нарекува во извештајот, „нуклеарната заштита“.
На оваа рунда разговори во Пекинг, покрај САД и Северна Кореја, учествуваа и делегати од Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Русија. На крајот од разговорите, делегатите не објавија заедничка изјава. Сепак, шефот на кинеската делегација, заменик министерот за надворешни работи Ванг Ји, изјави дека сите страни постигнале согласност.
Г-динот Ванг вели дека сите учесници се согласиле дека Корејскиот Полуостров треба да се ослободи од нукеларното оружје и дека треба да се одговори на загриженоста на Северна Кореја за нејзината безбедност.
Г-динот Ванг исто така рече дека во текот на разговорите, САД истакнале оти немаат намера да извршат инвазија, ниту да ја нападнат Северна Кореја, и дека не бараат промена на режимот во Пјонгјанг.
Кинескиот дипломат вели дека делегатите се согласиле да одржат и втора рунда разговори, а датумот и местото ќе бидат одредени подоцна.
Исходот од состанокот, кој не донесе голем напредок по многу прашања, беше на линија на очекувањата на многумината набљудувачи, кои рекоа дека согласноста за повторна средба е добар резултат.
Разговорите им дадоа шанса на земјите -учеснички да ги искажат своите позиции, поставувајќи, според аналитичарите, цврста основа за идните преговори. Делегатите сега ќе се вратат во своите земји и ќе одлучат за следните чекори.