Раководителот на американаската вселенска агенција НАСА ветува дека ги исправи проблемите во менаџментот кои придонеле за несреќата на шатлот Колумбија во февруари. Истражната комисија во вторникот соопшти дека НАСА не е организирана на начин за безбедно да оперира во орбитата. Сепак скептиците се прашуваат дали НАСА може да се реформира.
Да се поправи работењето во НАСА е главната задача со која се соочува нејзиниот прв човек, Шин О‘Киф, пред вселенските шатли повторно да се лансираат. Тој оваа директива ја прими од панелот истражители кои открија дека за несреќата на Колумбија, покрај оштетувањето на едно од крилата при полетувањето, подеднакво е виновна и внатрешната култура на однесување на НАСА.
Бордот истражители заклучи дека раководството на вселенската агенција придонело за уривањето на Колумбија заради ригидната поставеност што не дозволила вреднување на спротивставени мислења. Џон Логсдон е член на бордот и директор на Институтот за вселенска политика при Универзитетот Џорџ Вашингтон. Тој вели дека НАСА ја стекнала оваа култура на однесување за време на моќните денови на поранешните вселенски програми, кога располагала со голем буџет за својата трка кон месечината натпреварувајќи се со Советскиот Сојуз.
„НАСА себеси се сметаше за уникатно, речиси идеално место кое навистина нема потреба да зема информации однадвор бидејќи целиот натпревар се случувал внатре во НАСА. Тоа беше многу одамна, а во меѓувреме ништо не се промени„.
Сега, истражната комисија на чело со адмиралот во пензија Харолд Геман, вели дека НАСА мора да се измени во интерес на избегнување на друга катастрофа. Администраторот на агенцијата, Шон О‘Киф вели оти прецизно ги следи препораките.
„Ја сфативме поентата. Не е спорно дека она што треба да сториме е да ги испитаме принципите и вредностите кон кои се придржуваме со цел да ги подобриме целите за безбедност како и поголемата задача која е пред нас, да истражуваме и откриваме во името на американскиот народ„.
Меѓу другото, се предлага НАСА да формира цврсто внатрешно раководство кое ќе обезбеди задоволување на стандардите за безбедност и кое ќе има моќ да го спречи лансирањето на шатлите доколку има нерешени безбедносни проблеми. Ова се однесува на фактот што менаџментот на НАСА ја занемарил загриженоста на инженерите кога левото крило на Колумбија било оштетено при полетувањето и ништо не било сторено за корегирање на проблемот.
Поранешниот историчар на НАСА, Алекс Роланд, кој сега предава во Универзитетот Дјук, вели дека актуелната ситуација е вознемирувачко повторување на несреќата од 1986-та кога се урна шатлот Чаленџер, за чија истрага беше надлежен бордот наречен Роџерс Комишн.
„Повеќето од препораките на Роџерс Комишн или воопшто не се спроведени од страна на НАСА или се спроведувани недоследно. Причината за тоа е што немало независен надзор над тие активности. Комисијата Геман не препорачува независен надгледувачки механизам однадвор за да се гарантира дека НАСА навистина го прави тоа што и е препорачано„.
Истражната комисија дел од одговорноста за уривањето на Колумбија ја префрла и на политичарите, кои низ годините недоволно ја финансирале НАСА. Буџетот за шатлите се намалил за 40 проценти во 90-тите години, во време на зголемени барања за летови од меѓунаордната вселенска станица. Поранешниот раководител на проектот на НАСА за истражување на Марс, Дона Ширли, вели дека во целата оваа политика, останувале многу малку средства за безбедноста.
„НАСА се обидува да стори се и едноставно се надева дека некако ќе ги добие ресурсите, а тоа никогаш не се случи„.
Истаржната комисија повика да се организира национална дебата за иднината на вселенските летови.