Администрацијата на Буш разгледува план за формирање мултинационални воени сили во Ирак, кои ќе ја имаат поддршката од ОН, но ќе бидат под американска команда. Тоа би претставувало свртување во американската стратегија за обнова на повоен Ирак.
Членовите на Советот за безбедност на ОН со доза на ентузијазам реагираа на притисокот од администрацијата на Буш минатата недела, за тоа поголем број земји да испратат трупи во Ирак. Членките на Советот како Русија, Германија и Франција кои се спротивставија на војната под американско раководство во Ирак, одбија да учествуваат со мировни трупи, без претходно ОН да го одобрат распоредувањето.
Откако бројот на американските војници кои загинаа во повоен Ирак го надмина оној на загинатите во воените дејства, администрацијата на Буш сега ја испробува идејата за мултинационални сили на ОН, со кои би командувал Американец.
Целта би била да се отстрани загриженоста на Пентагон оти со воведувањето на команда под ОН, би можела да се намали американската контрола над 139-те илјади американски трупи во Ирак.
Според портпаролот на Стејт департментот Филип Рикер, сеуште дека не е донесена конечна одлука.
Џоена Менделсон-Форман работи во Американската Фондација, независна организација која ги поддржува ОН.
„Не гледам како оваа администрација би можела да ја одбегне соработката со ОН. Нашите сили се распространети. Тие се уморни, топло им е, и ќе ни бидат потребни поголем број војници од цел свет, кои подеднакво ќе можат да ги гарантираат и јавната безбедност и обновата„.
И додека САД сакаат и други земји да испратат дополнителни трупи во Ирак, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд вели дека не гледа причина за зголемување на бројот на американските војници таму, наспроти барањето од неговите команданти во регионот.