Линкови за пристапност

Изборни пораки на кандидатите на предвремените избори во Калифорнија - 2003-08-28


Кандидатите на предвремените избори во Калифорнија ги промовираат своите изборни пораки во етерот. Двајца републикански кандидати започнаа медиумска кампања, придружувајќи му се на Републиканецот Арнолд Шварценегер во барањето до гласачите да го отповикаат гувернерот од Демократската партија, Греј Дејвис.

Додека економијата на Калифорнија е на најниското ниво во последните години, а владата на оваа федерална држава се соочува со голем недостаток на буџетски средства, конзервативниот сенатор Том МекКлинток вели дека ќе ги врати подобрите времиња. „Даноците беа мали, имаше многу работа. Том МекКлинток беше таму. Јас порано живеев во таа држава. Се сеќавам на таа држава„.

Поранешниот комесар за безбол, Питер Уберот, исто така живеел во тоа време. Човекот кој ги организираше летните Олимписки игри во Лос Анѓелес во 1984 година, ги потсетува гласачите на своите достигнувања во оваа реклама на радио.

„Уберот раководеше со многу успешните Олимписки игри. За прв пат, како што вети Питер, Олимписките игри не создадоа дефицит. Напротив, тој донесе добивка од 220 милиони долари„.

Рекламата на Арнолд Шварценегер, кој е водечки кандидат на Републиканците, гласи вака: „Се кандидирам за гувернер за да раководам со движењето за промени и да и ја вратам иднината на Калифорнија„.

Шест недели пред изборите, што ќе се одржат на 7 октомври, медиумската кампања се интензивира, особено со вклучување на Демократите, но истражувачот на јавното мислење, Марк ДиКамило вели дека првите реклами се најважни. Гласачите реагираат на нив, вели тој, заради мрачната слика за економијата во државата и сакаат подобрување.

„Доминатно мислење на жителите на Калифорнија е дека државата е во тешко време за економијата и дека државата сериозно оди во погрешна насока„, смета ДиКамило. Тој додава дека тројца од четворица гласачи исто така велат дека финансиската ситуација на локалната влада се влошила последната година и дека повеќето се незадоволни со буџетот, што беше усвоен минатиот месец.

Тој буџет се потпира на намалување на услугите, на позајмување и трансфери на пари, со што во иднина ќе се создава долг од милијарди долари.

Истражувачот на јавното мислење вели дека некои гласачи отповикувањето на гувернерот го сметаат за прв чекор кон решавање на проблемите во државата.

Но актуелниот гувернерот Дејвис вели дека работите веќе се менуваат на подобро, и дека промената во политичкото раководство може да го измести тоа.

XS
SM
MD
LG