Линкови за пристапност

Турција размислува за испраќање свои трупи во Ирак - 2003-08-27


Водачите на едно значајно ирачко племе денеска се стретнаа со турски официјални лица во Анкара, на разговори за можното пристигнување на илјадници турски војници во Ирак. Членовите на арапското племето Убејди велат дека турските трупи се добродојдени во нивниот регион.

Во разговорите со новинарите по средбата со турскиот министер за надворешни работи, Абдула Гул, лидерите на муслиманското племе изјавија дека пристигнувањето на турските трупи во Ирак ќе помогне во обидите да се врати стабилноста во нивната земја.

Состанокот е резултат на намерите на Турција да го проценат ирачкото јавно мислење пред донесување одлука за испраќање на речиси 10 илјади турски војници во поддршка на коалиционите сили во Ирак. Реакциите на тоа се различни.

Во Фалуџа, градот кој е упориште на Суните, а кој се наоѓа на 60 километри западно од Багдад, локалниот гувернер во вторникот изјави дека жителите не го поддржуваат пристигнувањето на турските сили. Гувернерот Таха Бадиви вели дека во Фалуџа ќе започне пекол доколку пристигнат турски војници во градот што е центар на најверните поддржувачи на соборениот режим.

Турската влада верува дека со испраќање на трупи во Ирак ќе се поправат нарушените односи со САД. Проблеми создаде одлуката на турскиот парламент од мај годинава да не дозволи американските сили да ја користат турската територија за лансирање на нападите на Ирак.

Сега, турската влада смета дека испраќањето на трупи во Ирак во поддршка на коалиционите сили кои се предводени од САД, ќе и овозможи да учествува во креирањето на иднината на Ирак.

Но, неодамнешните анкети на јавното мислење индицираат дека мнозинството Турци се против испраќањето сили во Ирак. Турскиот премиер, Тајип Ердоган изјави дека парламентот, во кој неговата Партија на правдата и развојот има апсолутно мнозинство, ќе мора да го авторизира испраќањето трупи. Парламентот треба да се состане повторно на почетокот на октомври.

XS
SM
MD
LG