Линкови за пристапност

Марс деновиве се наоѓа најблиску до Земјата во изминативе 600 века - 2003-08-27


Планетата Марс деновиве се наоѓа најблиску до Земјата во изминативе 600 века, што ширум светот предизвика возбудено набљудување на небото. Овој настан го обнови интересот за гледањето на ѕвездите и во САД и во другите делови во светот.

Со својата бакарно-црвена боја, Марс го фасцинирал човекот од моментот кога тој за првпат погледнал кон небесната ширина. Планетата Марс, која името го добила по античкиот римски и грчки бог на војната, е најслична на Земјата од сите планети во соларниот систем. Нејзината површина е избраздена со вулкани и кањони, што индицира историско присуство на вода и научниците долго време шпекулираа за присуството на некоја форма на живот на Марс.

Од денеска, веднаш по зајдисонцето, Марс ќе се издигне на југоисточната страна и ќе биде најсветлиот објект на небото. Извршниот директор на најпознатото астрономско списание во САД "Sky and Telescope", Кели Бити вели дека она што овој настан го прави посебен е тоа што Марс, меѓу сите останати објекти, има специјална мистичност.

„Марс отсекогаш се издвојувал од сите планети што можат да се видат со голо око„. Тој додава: „Доколку ја погледнете оваа планета на небото, ќе забележите тело во крем - боја или боја на праска. Марс е црвен бидејќи неговите карпи имаат бакарна боја и ова се знае илјадници години„. Бити објаснува дека за сето тоа време, ние забележуваме дека Марс е место многу слично на нашата Земја и според тоа, ние чувствуваме некаква поврзаност со неа.

Иако Марс е доста добро истражен, на него се спуштиле и го фотографирале најмалку шест вселенски летала, ова приближување кон Земјата предизвикува големо возбудување. Минатата сабота, над илјада луѓе во Virginia State Park, во околината на Вашингтон ја набљудуваа планетата со аматерски астрономски телескопи.

Директорот на Опсерваторијата на Холивуд, Грифит, Едвин Круп во Лос Анѓелес, Калифорнија, е пресреќен од јавниот интерес за овој настан. Иако оваа огромна опсерваторија е затворена поради реновирање кое чини милиони долари, бројот на посетителите на делот каде што се наоѓаат сателитските апарати е зголемен од вообичаените 300 во една вечер, на 10.000 минатиот викенд. „Дури и ние во Лос Анѓелес и Холивуд знаеме дека вистински „ѕвезди“ се ѕвездите. И тие го привлекуваат вниманието на луѓето„.

И додека се подготвува за уште поголема посетеност деновиве, г-динот Круп истакнува дека овој возбудлив настан има многу поголемо значење одошто е само интересот за Марс или за нашиот соларен систем. Според него, тоа се граничи со најосновниот апсект на нашето постоење.

„Значи, не се работи само за едноставна, интелектуална љубопитност од наша страна за истражување на небото. Всушност, тоа е нешто што многу појасно и поцврсто не привлекува на други полиња„. Според Круп, тоа е суштината на истражувањето и откривањето. „Тоа во суштина покажува што значи да се биде човечко суштетство, да се бара, да се открива и да се размислува за големи прашања, за големи суштествени и несуштетсвени работи што ги гледаме околу нас„, додава тој, објаснувајќи дека тоа е вистинската големина на овој настан.

Оние кои нема да бидат во можност да го набљудуваат Марс оваа недела или додека тој ја поминува Земјата од приближно 55 милиони 763 илјади километри, ќе треба да чекаат долго време. Следниот пат кога оваа планета ќе биде толку блиску до Земјата е по 284 години.

XS
SM
MD
LG