Линкови за пристапност

Зголемувањето на бројот на жртвите нема да ја намали решителноста на САД да создадат стабилен и безбеден Ирак - 2003-08-26


Бројките што денеска ги објави Пентагон покажуваат дека повеќе американски војници биле убиени во Ирак по завршувањето на главните борбени операции, отколку во текот на војната. Претставниците на одбраната инсистираат дека зголемувањето на бројот на жртвите нема да ја намали решителноста на САД да создадат стабилен и безбеден Ирак.

Говорејќи пред американските трупи во Тексас оваа недела, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд не го спомена директно зголемувањето на бројот на жртвите меѓу американскиот воен персонал во повоен Ирак.

Но господинот Рамсфелд, кој е оптимист во врска со евентуалниот исход, стави на знаење дека и натаму има опасности иако главните воени операции завршија пред повеќе од 100 дена.

„Овие над 100 дена што изминаа од ослободувањето на Ирак сигурно дека беа денови на тешкотии, но и на напредок...И натаму ќе има препреки, за жал, морам да кажам, но ќе има и нови успеси„, вели Рамсфелд. Според него, нема сомневање во исходот.

Изјавата на господинот Рамсфелд уследи 24 часа пред воените власти во Ирак да објават дека еден американски војник загинал во бомбашки напад врз конвој, а друг загинал во сообраќајна несреќа.

Според податоците на Пентагон, бројката на загинати војници од први мај, кога завршија главните воени операции, досега, достигнала 139, или повеќе загинати отколку во периодот на тешките борби во текот на војната во Ирак.

Но овие бројки на некој начин мамат. Од смртните случаи по први мај, само 62 биле во непријателска акција. Мнозинството жртви од крајот на борбите, или 77, биле последица на здравствени проблеми или несреќни случаи, како сообраќајни несреќи, давења, самоубиства или случајни пукања.

Не е за изненадување што многу повеќе Американци биле убиени во непријателски акции пред 1 мај, или вкупно 116.

Некои аналитичари и коментатори сметаат дека оваа разлика е мала утеха за непријатното чувство кај Американците заради натамошното американско присуство во Ирак. Според истражувањето на јавното мислење на Њусвик од минатата недела, на пример, околу 13 отсто од испитаниците сметале дека повоената окупација добро се одвива, додека речиси 70 проценти биле загрижени дека американските сили може да имаат проблеми во Ирак со години.

И покрај тоа, претставниците на одбраната инсистираат дека американските сили ќе останат додека не биде завршено обновувањето на стабилноста на Ирак.

Господинот Рамсфелд во Тексас тоа вака го објасни: „Колку нашата земја ќе мора да остане во Ирак, навистина сега не се знае. Би сакал да се знае. Но тоа реално зависи дали ирачкиот народ е способен да тргне по патот кон суверентитет и претставничка влада. Едно е сигурно: претседателот вели дека ќе останеме колку што ќе биде потребно за да ја завршиме работата...„

Во Ирак има околу 140 илјади американски војници заедно со 22 илјади војници од други земји, а се подготвува и распоредување на нови неамерикански трупи. Исто така претставници на Пентагон велат дека десетици илјади Ирачани се обучени или се обучуваат за полициските сили, за погранична контрола и за армијата. Околу 28 илјади, според една нова програма ќе бидат испратени во Унгарија на полициска обука во траење од осум недели.

Според претставниците на одбраната тоа ќе даде “ирачки лик“ на безбедносната ситуација, иако признаваат дека може да се очекуваат и нови жртви од американска страна.

XS
SM
MD
LG