Линкови за пристапност

Кина соопшти дека ќе се спротивстави на воведување санкции спрема Северна Кореја - 2003-08-26


Додека се одвиваат последните подготовки за разговорите по севернокорејската програма за нуклеарно оружје во Пекинг, на кои ке земат учество шест држави, Кина соопшти дека ќе се спротивстави на воведување санкции спрема Северна Кореја.

Предупредувањето против евентуалните санкции го изнесе кинескиот заменик -министер за надворешни работи, Ванг Ји, во изјава за државната телевизија, во време кога во Пекинг се во тек подготовките на делегатите за претстојните чувствителни тридневни разговори.

Г-динот Ванг кажа дека Кина не одобрува ниту санкции ниту притисок и не поддржува војна. Разговорите меѓу Кина, Јапонија, Северна и Јужна Кореја, Русија и САД ќе се фокусираат на американските барања до Северна Кореја за прекинување на програмите за нуклеарно оружје.

Северна Кореја, пак, бара САД да прифатат договор за ненапаѓање. Пјонгјанг постојано го обвинуваше Вашингтон дека се подготвува за инвазија врз Северна Кореја, и тоа, според севернокорејските лидери, на начин како што тоа било случај со Ирак на почетокот на оваа година.

Претходно, кинескиот потпретседател Зенг Квингхонг побара на претстојните разговори да стане збор и за загриженоста на Северна Кореја за нејзината безбедност.

Администрацијата на Буш претходно кажа дека доколку Северна Кореја се откаже од нуклеарната програма, Вашингтон ќе најде неков дипломатски јазик со кој ќе излезе во пресрет на тоа барање.

Дипломатите вклучени во разговорите веруваат дека не можат да се очекуваат итни и големи резултати.

Рускиот претставник изјави дека веројатно најголемиот предизвик ќе биде да се задржат сите страни на преговарачка маса во текот на, како што претпоставува тој, долгиот и комплициран процес. Севернокорејците, кажа тој, се познати како бавни и тешки преговарачи.

Друг претставник оцени дека состанокот ќе се смета за успешен доколку сите страни едноставно се договорат на втора рунда разговори.

Кинескиот заменик- министер Ванг, кој ја предводи кинеската делегација на разговорите, исто така предупреди дека не треба премногу да се очекува.

Г-динот Ванг вели дека со тоа што се ангажирани шест земји, значи дека светот е заитересиран за ова прашање. Тој кажа дека прашањето е многу комплицирано и оти сите проблеми не можат да се решат со еден или два состаноци.

Помошник-државниот секретар Џејмс Кели, кој ја предводи американската делегација, при неговото вчерашно пристигнување во Пекинг даде позитивна оценка на претстојниот состанок. Тој и оддаде признание на Кина за нејзината улога во подготовката на состанокот, и рече дека сите страни ќе имаат можност да ги презентираат своите гледишта.

„Радосен сум што повторно доаѓам во Пекинг. Ние соработувавме подолго време. Кинезите долго време работеа на овие мултилатерални разговори. Се среќаваме в среда наутро, и очекуваме директна и искрена размена на мислења„.

Разговорите се обид за ставање крај на кризата што започна во октомври, минатата година, кога Северна Кореја на делегацијата што ја предводеше г-динот Кели и призна дека ја реактивирала нејзината програма за нуклеарно оружје, што претставува кршење на меѓународните договори.

XS
SM
MD
LG