Линкови за пристапност

Ставовите на Хамас за постигнување мир на Блискиот Исток - 2003-08-25


Претставник на Хамас изјави дека ќе биде потребно повеќе од мапата кон мир за да завршат борбите меѓу Палестинците и Израелците. Висок претставник на Хамас во Либан ги изнесе ставовите на оваа група дека напорите за постигнување мир во регионот, меѓу кои и мапата кон мирот поддржана од САД, нема да функционираат се додека Израел сосема не се повлече од окупираните палестински територии.

Хамас, организација која се наоѓа на списокот на терористички групи на Стејт Департментот, вели дека меѓународниот мировен предлог, што меѓу Палестинците и Израелците е познат како мапа кон мирот, не е план што ќе доведе до мир и дека Хамас не го поддржува.

Портпаролот на Хамас во Либан, Осама Абу Хемдан, изјави дека мапата кон мирот не нуди политичко решение. Тој вели дека таа се однесува на безбедносни проблеми, но не го опфаќа мировниот процес за постигнување на траен мир. Тој исто така кажа дека овој план никогаш нема да биде спроведен доколку нема меѓународно присуство.

„Нема вистински притисок за мапата кон мирот. Нема притисок да се спроведат сите барања од мировниот процес. Затоа, сметам дека доколку нема промени, тогаш нема ниту надеж за мир во регионот„, рече хемдан.

Осама ел Баз е политички советник на египетскиот претседател Хосни Мубарак. Тој се согласува дека мора да се изврши притисок врз двете страни да ја следат мапата кон мирот. Господинот Баз кој вчера говореше во Александрија, кажа дека доколку двете страни бидат принудени да го почитуваат планот, тој верува дека ќе може да се формира палестинска држава за наредните две до три години.

Но според господинот Хемдан од Хамас, единствен начин за постигнување на траен мир е Израел прво да се повлече од сите окупирани палестински територии. Тој рече: „сакаме да заврши окупацијата на палестинската земја„. Хемден додаде, „да им се дозволи на Палестинците да формираат сопствена држава без никаква контрола од страна на Израелците, без никакво мешање од израелска страна„.

Портпаролот на Хамас вели дека кога Палестинците ќе имаат сопствена држава тогаш навистина ќе може да се преговара за проблемот на траен мир, затоа што, според него, тоа ќе се одвива меѓу две посебни и признаени влади.

Господинот Хемдан вели дека дотогаш Хамас ќе продолжи да бара одмазда за сите акции на Израелците што ќе ги смета за непријателски.

XS
SM
MD
LG