Линкови за пристапност

Филмот „Прашина“ од денеска ќе се прикажува и во кино-салите во Њујорк и Лос Анѓелес - 2003-08-22


Филмот „Прашина“ од денеска ќе се прикажува и во кино-салите во Њујорк и Лос Анѓелес. По тој повод, изјава побаравме од неговиот сценарист и режисер Милчо Манчевски.

„Мојата работа во принцип заврши со комплетирањето на овој филм“ рече Манчевски за доаѓањето на филмот во САД. „Се што се одвива понатаму е како детето кога ќе тргне на училиште“, вели тој. „Филмот веќе играше во неколку земји, покрај Македонија, играше во Италија, Британија, Јапонија, Шпанија и уште неколку земји. Сега отвара во Њујорк и Лос Анѓелес. Како и колку ќе игра во овие два града и дали ќе игра во други градови низ Америка, тоа веќе зависи од дистрибутерот Lions Gate„.

Дејствието се одвива во временски период од еден век, на три различни локации, опфаќајќи повеќе жанрови. Сцените и настаните се од денешен Њујорк, Дивиот Запад и Македонија под турско ропство. Манчевски вака ја сумираше идејата на своето остварување:

„Прашина е филм за раскажување приказни. За жедта да се чујат и да се раскажат приказни. Затоа што постојат различни медиуми, различни начини да се раскажат приказните и бидејќи раскажувачот е секогаш станува дел од приказната, јас се обидов сето тоа да го вградам во оваа конкретна приказна и поради тоа, а и поради мојот интерес за експериментален филм, наративната структура на филмот е прилично разбиена, така што помалку наликува на кубистичка слика. Тоа беше на почетокок, а потоа ми беа потребни долги години истражување затоа што два дела од филмот да се историски, потоа требаше долго време филмот да се исфинансира како треба и на крај една година да се сними и да се измонтира„.

На прашањето дали наскоро ќе го видиме со некој нов проект, Манчевски ни кажа дека во моментов себеси се смета за еден млад пензионер.

XS
SM
MD
LG