Линкови за пристапност

Според аналитичарите, целта на терористичките напади е да се создаде хаос во Ирак - 2003-08-21


И покрај крвавиот биланс на бомбашкиот напад врз седиштето на ОН во Багдад, претставници на светската организација најавуваат дека ќе продолжи нејзината хуманитарна мисија во Ирак. Аналитичарите сметаат дека целта на ваквите терористички напади е да се создаде хаос во Ирак и да се упати порака до сите странци дека таму никогаш нема да биде безбедно.

Аналитичарите велат дека бомбашкиот напад ги илустрира тешкотиите со кои се соочуваат САД не само во заштита на војниците на коалицијата, туку и на странските работници, дипломатите и Ирачаните кои работат со нив.

Томас Фридман, аналитичар за Блискиот исток и колумнист во „Њујорк Тајмс“, кој неодамна престојуваше во Ирак, вели дека напаѓачите се обидуваат да создадат турбулентна ситуација и атмосфера на страв, што штетно влијае на обидите за воспоставување ред во повоениот период. „Мислам дека целта е да се создаде хаос. Најдобра цел, во основа, е една сосема недолжна хуманитарна организација, бидејќи тоа на Ирак и на светот му порачува дека доколку ОН не се безбедни, тогаш никој не е безбеден„.

Американскиот администратор во Ирак, амбасадорот Пол Бремер за телевизиската мрежа Ен Би Си изјави дека иако се уште не е јасно кој е одговорен за нападот врз седиштето на ОН во Багдад, можеби зад него стои организација поврзана со Ал Каида.

„Се работи за тоа дека по војната, бројот на терористите од организацијата Ансар ал Ислам повторно се инфилтрираа во Ирак„. „Ние сме загрижени поради тоа„, објаснува тој. Според Бремер, во земјата пристигнале и други терористи од странство.

Амбасадорот Бремер тврди дека поголем број од Ирачаните на овој бомбашки напад врз седиштето на ОН, како и на неодамнешните саботажи на нафтоводот и на системите за водоснабдување, гледаат како на обиди за запирање на процесот кон мирна и просперитетна иднина.

Аналитичарот Томас Фридман е на мислење дека е потребен поголем број американски војници кои би ја гарантирале безбедноста во Багдад и низ велата територија на Ирак. Уште поважно, додава тој, е коалиционите сили да им дадат на Ирачаните поголеми надлежности во управувањето со земјата.

„Да имав право само на една желба денеска, тоа ќе беше управниот совет, овој вид на зачеток на владеачка управа во Ирак, да објави на што работел изминативе недели - формирање ирачки кабинет, во секое министерство одговорноста да ја преземат Ирачаните, и реализација на програма за отворање на 300.000 работни места во Ирак„. Според фридман, тоа е вистинскиот одговор на нападите.

Паралелно со неговата теза дека САД треба да го забрзаат предавањето на власта на локалното население, г-дин Фридман верува дека само Ирачаните можат да ја спасат нивната земја и да спречат нејзино запаѓање во хаос и анархија.

XS
SM
MD
LG