Сведоци велат дека безживотните тела на Исмаил Абу Шанаб и неговите двајца телохранители биле извлечени од опожарениот автомобил што бил погоден со неколку ракети додека се движел во близина на седиштето на ОН во градот Газа. Огромна група на поддржувачи на Хамас се собрала на местото на нападот, мокрејќи ги рацете во крвта на починатите и заколнувајќи се на одмазда.
До нападот дојде два дена откако Хамас изврши самоубиствен бомбашки напад врз автобус во Ерусалим, при што загинаа 20, а беа повредени 100-тина лица. Неколку часа пред нападот, израелските сили навлегоа во неколку градови на Западниот брег и уапсија неколку барани милитанти. Еден Палестинец беше убиен во Тулкарем, а најмалку 4 беа повредени.
Израелското радио информираше дека операциите ќе продолжат и во наредните денови. Израелскиот кабинет за безбедност донесе одлука за операциите во текот на состанокот минатата ноќ. Кабинетот исто така реши повторно да почне да ја спроведува таканаречената политика на „елиминирање на точно утврдени цели“.
И палестинските лидери се сретнаа во текот на ноќта. Според изјавата што беше издадена за јавноста, палестинските безбедносни сили ќе започнат веднаш да применуваат безбедносните мерки што ги налага мировниот план познат под името „мапа кон мирот“. Палестинските лидери донесеоа и забрана за одржување демонстрации на милитантните групи.
Палестинските медиуми велат дека премиерот Махмуд Абас се заканувал дека ќе поднесе оставка доколку водачот на Палестинската управа Јасер Арафат не ги поддржи неговите најавени остри мерки против милитантните групи Хамас и Исламски Џихад.