Линкови за пристапност

Од 1-ви октомври на Кинезите нема да им треба потврда од работодавачот дека можат да стапат во брак - 2003-08-20


Кинеската Влада го укина правилото двојките кои планираат да се венчаат најпрвин да добијат дозвола од своите претпоставени на работните места. Некои на ова гледаат како на зголемување на личните слободи во Кина.

Според актуелните правила, кинеските двојки од претпоставените на работните места треба да земат таканаречена потврда во која се наведува дека идните партнери немаат склучено брак со некој друг. Законот, кој датира од почетокот на комунизмот во Кина, бил донесен за да се спречи полигамијата што на времето била присутна во земјата.

Кинеското Министерство за граѓански прашања неделава соопшти дека од 1-ви октомври на двојките повеќе нема да им треба потврда од работодавачот дека можат да стапат во брак. Кинеската влада ќе го укине и барањето, вообичаено за многу земји, двојките да извршат медицински преглед пред да стапат во брак.

Една идна сопруга од Пекинг, која побара да остане анонимна, вели дека е особено задоволна што таа и нејзиниот партнер нема да мораат да поседуваат лекарска поврда за нивната здравствена состојба, велејќи дека тоа значи нарушување на приватноста. „Мислам дека тоа е прашање меѓу двајцата кои ќе стапат во брак„. Таа додадава дека доколку на едниот партнер не му е грижа дали другиот има некој проблем, се работи за лична одлука и луѓето треба да бидат одговорни самите за себе.

Кинеската новинска агенција Ксинхуа цитира претставник од Министерството за граѓански прашања кој вели дека до одреден степен стариот закон ја прекршувал политиката слободно да се стапи во брак.

Претходно, државните компании контролираа повеќе аспекти од животот на вработените, вклучувајќи каде би живееле, или во кои училишта би оделе нивните деца.

Новите брачни правила се дел од серијата промени во индивидуалните слободи во Кина. Владата во источната провинција Џиангсу, на пример, неодамна ја укина одредбата невенчаните двојки да не можат да живеат заедно.

Но, новините не важат за хомосексуалците во Кина. Бракот меѓу хомосексуалните партнери и натаму се смета за нелегален, а до пред две години лекарите се уште имаа право да ја третираат хомосексуалноста како ментално заболување.

XS
SM
MD
LG