Линкови за пристапност

Продолжуваат дискусиите за Патриотскиот Акт донесен по нападите на 11ти септември - 2003-08-20


Речиси две години по терористичките напади врз САД, Одделот за правда се уште се брани од обвиненијата дека законот наречен Патриотски акт, што беше усвоен кусо време како реакција на терористичките напади, се заканува на граѓанските слободи во земјата и им дава преголеми овластувања на службите за спроведување на законот. Патриотскиот акт беше усвоен како закон во октомври 2001-та и со него агенциите за безбедност добија поголеми средства и овластувања за да ја заштитат државата од идни терористички напади. Таквите овластувања претходно ги одобруваа судиите, во зависност од случај до случај. Законот беше донесен во Конгресот со огромно мнозинство гласови, но оттогаш е остро критикуван и поднесени се многу пријави против него од страна на разни групи, пред се организации за заштита на човековите права, кои велат дека со него се дадени преголеми овластувања на федералните агенции за безбедност.

Дејвид Кин е претседавач на лоби групата Американска конзервативна Унија. Тој смета дека многу членови на конгресот кои гласаа за Патриотскиот Акт, дури немале прилика ниту да го прочитаат.

Со законот се укина ограничувањето американското Федерално истражно биро - ФБИ да не може прислушува осомничени терористи. Сега, во голем број случаи, федералните агенти не мора да бараат судски налог за да прислушкуваат осомничени лица. Дејвид Кин од Американската конзервативна унија вели: „Се создаде ситуација во која традиционалната уставна заштита е намалена во име на борбата против тероризмот, а со тоа на службите за спроведување на законот им се дадени овластувања да гонат секого со средства што претходно ги немаа„.

Од другастрана, претставници на агенциите за безбедност го сметаат Патриотскиот акт за основа на можностите на државата да се бори против тероризмот. Соочувајќи се со нови предизвици и обиди во Конгресот за измени во законот, главниот правобранител Џон Ешкрофт планира да одржи серија говори низ земјата, главно пред групи од вработени во службите за безбедност или нивни поддржувачи. Тој започна вчера, со настапот пред една конзервативна група поддржувачи на Пактриотскиот акт од Вашингтон.

„Клучно е секој да разбере што значи Патриотскиот акт за нашиот успех во војната против тероризмот. Ги користиме тие средства за да ги спречиме терористите да убиваат и да уништуваат на наша почва. Ги користиме тие средства за да спасиме недолжни американски животи. Ги користиме тие средства за безбедност што ќе овозможи слобода„.

Но некои од главните членови на Конгресот сега изразуваат загриженост дека овие средства може да водат кон ерозија на граѓанските права. Всушност, во законот што го предлага конгресменот-републиканец Буч Отер би се повлекле некои одредби во Патриотскиот акт, што се однесуваат на тоа како да се изведуваат претреси на приватен имот.

Џамел Џафер е портпарол на Американската Унија за граѓански слободи за ова вели: „Со амандманот на Отер би се повлекле оние одредби за прикраднување со кои на ФБИ му се овозможува да претресува нечиј дом или канцеларија без известување„. Џафер објаснува дека загриженост постои и за одредбата 215 во актот со која се овластува ФБИ да побара од секоја организација да ги предаде своите документи и информации на владата – одредба со која како што кажа самиот главен правобранител, може да се побараат дури и генетски информации.

Но, главниот правобранител Ешкрофт и натаму го смета Патриотскиот акт за суштиснко средство за спроведување на законот, особено во време кога приоритет е спречување на нов терористички напад во земјата.

„Ги неутрализиравме наводните терористички ќелии во Бафало, Детроит, Сиетл и во Портланд. Вкупно поднесовме 255 кривични пријави, 132 лица се обвинети или се изјасниле за виновни. Вкупно, над три илјади осомничени терористи се уапсени во многу земји„.

Расправата за воспоставување на рамнотежа меѓу контратероризмот и заштитата на човековите права се отвора во време кога САД ќе ја одбележат втората годишнина од нападите на 11 септември, како и среде зачестените предупредувања дека војната против тероризмот е далеку од крај.

XS
SM
MD
LG