Линкови за пристапност

Расправа во Советот за безбедност за неодамнешните меѓуетнички инциденти на Косово - 2003-08-19


Советот за безбедност на ОН, по барање на српската Влада, синоќа расправаше за неодамнешните меѓуетнички инциденти на Косово. Изминатава недела, две момчиња припадници на српското малцинство беа убиени во западниот дел на Косово.

Двете српски момчиња беа убиени во средата од непознато вооружено лице, додека се капеле во реката во селото Гораждевац во српската енклава на Косово. Исто така, во нападот биле повредени уште четири деца. Српскиот заменик-премиер Небојша Човиќ вчера побара од членовите на Советот да се справат со албанските екстремисти, сугерирајќи зголемување на бројот на мировните сили.

Тој истакна дека вакви злосторства не се невидени досега. „Тие се дел од начинот на делување на албанското население кое сака да ги истера сите Срби надвор од Косово и Метохија и се разбира, да обесхрабри секакво враќање на бегалците и внатрешно раселените лица и со тоа да го комплетира етничкото чистење во покраината„.

Г-динот Човиќ не верува дека сите етнички Албанци ја поддржуваат оваа бруталност. Сепак, вели тој, мнозинството етнички Албанци и натаму молчат, додека малкумина од нив, главно политичари, ги осудуваат злосторствата и во исто време ги споменуваат злосторствата на Србите од минатото.

Членовите на Советот за безбедност изразија поддршка за напорите на новиот адинистратор на ОН за Косово, Хари Холкери да спроведе истрага за најновите инциденти. Претставникот на Пакистан во Советот Мунир Акрам рече: „Бруталните дејства што се случија во Гораждевац треба да бидат аларм за нас„. „Нашиот став е дека иако ова е еден од серијата инциденти, тој посочува на фактот оти политичките прашања во врска со Косово и натаму бараат одлучен одговор и решение„, кажа Акрам.

Членовите на Советот за безбедност во синоќешната заедничка изјава што ја прочита претседавачот со Советот за овој месец, Микхаил Вехбе од Сирија, изразија длабока загриженост што вакви брутални инциденти се случуваат четири години по завршувањето на конфликтот, кои според нив го загрозуваат имиџот на Косово кај меѓународната заедница. Исто така, тие побараа да не се штедат напорите кои ќе доведат до апсење на извршителите и нивно изнесување пред правдата, потсетувајќи оти привремените институции на самоуправата на Косово се определиле за меѓуетничко помирување. Српската Влада вели дека ќе гарантира автономија на Косово, но не и целосна независност, како што бараат етничките Албанци.

XS
SM
MD
LG