На Блискиот Исток има огромен потенцијал. Таму е изворот и духовниот дом на трите најголеми религии во светот и античкиот центар на науката, толеранцијата и напредокот. Во овој регион има 22 држави, во кои живее население од 300 милиони. Но бруто домашниот производ на Блискиот Исток во моментов е помал од оној на Шпанија. Овој регион страда од недостиг на политичка и економска слобода. И ова е регион каде што безнадежноста создава плодна почва за тероризам.
Тероризам, се разбира, нема само на Блискиот Исток. Ниту развиениот Запад не е имун на ова зло. Но Метју Левит од Институтот за политика на Блискиот Исток од Вашингтон објаснува зошто во овој регион е полесно да се регрутираат терористи.
„Факт е дека сегашните околности на Блискиот Исток се екстремно погодни за регрутирање на млади луѓе кои немаат многу надеж и кога врз сето тоа ќе ја додадете фрустрацијата, имате ситуација кога терористите таму лесно дејствуваат„.
Друг фактор на Блискиот исток се многу влади кои поддржуваат тероризам. Џошуа Муравчик од Американскиот Ентерпрајз Институт вели дека за тероризмот во овој дел од светот придонесува и недостатокот на слобода и демократија.
„Во овој регион од една страна имате многу влади кои самите поттикнуваат и поддржуваат терористички групи, а од друга страна имате влади кои независно дали поддржуваат тероризам, тие се многу репресивни, така што луѓето во овие системи кои имаат различни мислења или поплаки за владата, тие немаат нормални начини тоа да го изразат„. Муравчик додава дека смета дека во ситуација кога нема демократија и слобода, тоа произведува тероризам.
Со господинот Муравчик се согласува и Али Ал-Ахмед, извршен директор на Саудискиот Институт. Тој додава и дека владите на Блискиот Исток често прибегнуваат кон насилство кон сопствениот народ:
„Затвораат, убиваат или измачуваат. Ги ограничуваат опциите на луѓето за решавање на политичките разлики„. Според Ал-Ахмед, исто така немањето слобода ги спречува локалните елементи да се борат против екстремизмот и тероризмот. Како пример ја наведува Саудиска Арабија, каде оние кои зборуваат против екстремизмот се проколнати или ги палат. Ал-Ахмед вли екстремистите знаат дека им е дозволено да напредуваат. „Според мое мислење тоа се случува затоа што овие режими сакаат да создадат јаз меѓу нивните народи и Западот„, кажа тој. „Тие играат со двете страни„, објаснува Ал-Ахмед.
Господинот Ахмед излезот го гледа во западните и слободни земји. Тој смета дека тие треба да ја шират слободата и да извезуваат демократија.
„Најдобар стратешки интерес на Западот и на САД е да поддржува, на пример зошто со американските автомобили да не се извезува и американизам, американски идеи и вредности на владеење, транспарентност, правда и човекови права, наместо бомби„. Ал-Ахмед вели дека смета дека така се трошат помалку пари и труд, а се добиваат подобри резултати со извезувањето на вредности.
Но за трансформацијата на Блискиот Исток ќе бидат потребни многу години, како што беа потребни за Европа. И како што вели американскиот советник за национална безбедност Кондолиза Рајс, напорите на САД мора да функционираат во целосна соработка со народите во регионот, кои исто така се залагаат за човековите слободи и кои имаат сопствен интерес да ги бранат.