Линкови за пристапност

Се уште не е лоцирана причината за дефектот со електричната енергија - 2003-08-18


Повторно има струја и луѓето се вратија на работа во првиот работен ден по големиот прекин на електричната енергија минатата недела во делови од североисток и од средниот запад на САД.

Во Њујорк, автобусите и метрото пристигнуваа на време, што го израдува градоначалникот Мајкл Блумберг. Тој зборуваше во емисијата 'Today' на Ен-Би-Си: „Се се врати на нормала во овој понеделник во август. Времето е убаво, сончево, веројатно од сега натаму се ќе биде во ред. Но мора да осигураме дека од ова нешто научивме и да се обидеме да го спречиме во иднина„.

Се уште се на сила предупредувањата да се преврива водата во делови на Мичиген и Охајо каде што властите се загрижени дека заради прекинот на електричното напојување можеби е загадена водата.

Во меѓувреме, обичните граѓани и властите и натаму се прашуваат што беше причината за прекинот на електричната енергија, кој беше најголем во историјата на Северна Америка.

Гувернерот на Мичиген, Џенифер Гранхолм изјави: „резултатот е кога некој ќе влезе во лифт да знае дали ќе биде сигурно оти ќе излезе. Ако некој пушти вода од чешма, сака да знае дека водата што ќе потече е чиста и прашањето е кој е одговорен за тоа? Во што е проблемот и како да го решиме?„

Иако струјата се враќа, претставниците за енергетика бараат од потрошувачите и фирмите да штедат каде што е можно за да се избегне повторен прекин на струјата. Канадските власти бараат од луѓето да заштедат и 50 отсто од електричната енергија, доколку е возможно.

Хаваријата беше причина за бројни повици за модернизација на системот за дистрибуција на електрична енергија во земјата. Но некои експерти исто така сакаат попрецизна регулатива за компаниите кои вршат електроснабдување.

Бил Ричардсон е гувернер на Њу Мексико, но пред тоа бил секретар за енергетика во владата на Клинтон. Тој ова го изјави за телевизијата Си-Би-Ес: „Она што се случи беше дефект на преносните линии предизвикан од преоптовареност, што не треба да се случува, а се случува во целата земја. Тие носат додатна енергија за да се задоволат зголемените потреби, тие од тоа профитираат. Но според правилата тоа е речиси нелегално, не смеат тоа да го прават„.

Актуелниот секретар за енергетика, Спенсер Абрахам вели дека е прерано да се лоцира причината за дефектот со електричната енергија минатата недела. Но тој за Си-Би-Ес изјави дека е јасно оти дека ќе поскапи цената на електричната енергија и за обичните потрошувачи и за стопанството. Секретарот Абрахам додава и дека се надева оти прекинот на електричното напојување ќе го увери Конгресот оти е време да се модернизира застарената мрежа за дистрибуција на струјата.

XS
SM
MD
LG