Линкови за пристапност

Над половина лидери на Ал-Каеда во притвор - 2003-08-18


Според претседавачот на Сенатскиот Комитет за разузнавање, 60 проценти од водството на Ал-Каеда се наоѓа во притвор. Сенаторот Пет Робертс понатаму смета дека меѓународната соработка во борбата против тероризмот е во пораст.

Тој вели дека е постигнат напредок во зауздувањето на Ал-Каеда. Овој Републиканец од Канзас смета дека последното апсење на човекот кој се смета за главниот оперативец на организацијата во Југоисточна Азија е вистински удар на терористичката мрежа. „Ќе се појават други кои ќе се обидат да дојдат на негово место, но кога шефот за операции веќе не е меѓу нив, тие ќе се соочат со големи проблеми„.

Претседателот Буш лично го објави апсењето на лицето познато како Хамбали, кој е осомничен водач на терористичка група Џема Исламија, активна во Југоисточна Азија. Г-динот Буш него го нарече еден од најсмртоносните терористи во светот и забележа дека се верува дека тој е организаторот на минатогодишниот бомбашки напад на Бали, Индонезија.

Постојат извештаји според кои осомничениот планирал напад на Азиско-пацифичкиот Самит закажан за октомври во Банкок, Тајланд. Во својот настап на емисијата Лејт Едишн на Си-Ен-Ен, Сенаторот Робертс кажа дека не може да ги потврди овие извештаји, но навести дека нема да биде изненаден доколку се покажат вистинити.

„Не можам да ви кажам ништо подетално за ова; ќе работиме и понатаму на ова„. Робертс објаснува дека во Комитетот за разузнавање пристигнуваат известувања и предупредувања за разни закани секоја недела. „Но тој дел од светот беше обземен од овие проблеми, тоа е причината зошто ова апсење е толку значајно„, објаснува тој.

Г-динот Робертс вели дека апсењето исто така покажува дека се повеќе држави го разбираат значењето на соработката во борбата против тероризмот. Сенаторот беше прашан и за степенот на помош што доаѓа од Саудиска Арабија.

„Сметам дека е многу подобро„, изјави тој. Според него, по нападот во Ријад, што Робертсон го објаснува како 11ти септември на Саудиска Арабија, тој гледа многу подобра соработка на полето на разузнавање. „Тие веќе имаат уапсено повеќе од 200 лица и покрај големите жртви во редовите на нивните сили за обезбедување„, додава сенаторот.

Сенаторот Робертс го опиша нападот во Ријад во мај како повик за будење на Саудиска Арабија. Во појавувањето на истата телевизиска програма, главниот советник за надворешна политика на саудиската влада, Адел ал-Џубеир, го опиша нападот како огромен удар за Саудиска Арабија. „Кога нормалните луѓе кои живеат нормални животи се убиени во нашата средина, ние започнуваме акција„.

Г-динот ал-Џубеир рече дека скорешната одлука на Бритиш Аирвејс да ги прекине своите летови кон Саудиска Арабија е основана на информација добиена од Саудијците во текот на испитување на осомничените за тероризам. Тој додаде дека суспензијата на летови можеби е преголема реакција, но брзо додаде дека тоа е одлука која Британија си ја донесува, врз основа на доказите со кои располага.

XS
SM
MD
LG