Североисточниот дел на САД и делови на Канада се погодени со најголем прекин на електрична енергија во историјата и додека ситуацијата денеска полека се нормализира, се уште не се знае што го попречило дотокот на струја до околу 50 милиони луѓе.
Градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг изјави дека службите за итна помош во текот на ноќта се преплавени со илјадници повици, регистриран е еден смртен случај, но немало зголемување на криминалните дејности во градот. „Вработените во овие служби одговорија на 80.000 итни повици, што е двојно повеќе од вообичаената бројка. 3.000 пожарникари изгаснаа 60 сериозни пожари, но сите се случајно причинети и за повеќето од оние што ги истраживме најверојатно причината се свеќи„.
Г-динот Блумберг вели дека од прекинот на електричната енергија во Њујорк имало околу 800 случаи на лица кои биле заглавени во лифтови, како и тоа дека ќе треба да помине некое време пред Њујорчаните да можат повторно да ја користат подземната железница.
Илјадници Њујорчани и туристи не можеа да стигнат до своите домови, барајќи погодно место да ја поминат ноќта.
Овој човек ја минал ноќта на Пен Стејшн, главната железничка станица во градот. „Бев доле во станицата, беше многу топло, миризбата од горивото беше ужасна„, кажа тој и објасни дека одговорните на два пати ја евакуирале станицата, за некако да ја проветрат, ги отвориле вратите од двете страни, а потоа луѓето можеле повторно да влезат.
Сепак се уште нема официјално објаснување што е причината за прекинот на струјата од неочекувано големи размери, што се случи вчера попладне.
Претседателот Буш истакна дека оваа хаварија не е поврзана со тероризам. „Она што можам со сигурност да кажам е дека ова не е терористички акт„.
Но, бројни американски претставници бараат да дознаат како е можно прекинот на електрична енергија толку брзо да погоди толкав број луѓе.
Гувернерот на Њујорк, Џорџ Патаки, за телевизиајта Ен-Би-Си, изјави: „Ова не требаше да се случи. Живееме во 2003-та година. Ние сме најсофистицирано општество во светот и треба да имаме енергетски систем на кој можеме да сметаме и каде ваков вид на прекин не треба да се случи. Треба да ги знаеме овие одговори„. Тој додаде и дека е сигурен дека претседателот ја споделува нивната загриженост и ќе соработува за да ги добијат одговорите.
Официјалните лица велат дека се надеваат оти ситуацијата ќе се нормализира во наредниви ден-два. Во меѓувреме ги повикуваат резиденцијалните корисници, колку што е можно, да ја намалат употребата на електрична енергија.