Линкови за пристапност

Најнови вести 15 август 2003 - 2003-08-15


САД и Канада – последици од прекинот со електрична енергија

Иако снабдувањето со електрична енергија во североисточниот дел на САД и Канада полека се враќа во нормален тек, сепак проблемите предизвикани од вчерашниот прекин во американскиот среден запад продолжуваат и денеска.

Според извештаите, вчерашниот прекин на електричното напојување со кој беа погодени над 50 милиони луѓе, е најголем досега во Северна Америка. Американските официјални лица се уште не дадоа официјално објаснување за настанот. Во федералната држава Мичиген домовите и канцелариите и утринава се без електрична енергија. Во соседната држава Охајо, властите соопштија дека снабдувањето со електрична енергија е одново воспоставено во речиси сите делови. Но сепак, тие предупредуваат оти и системот за водоснабдување бил погоден од вчерашниот прекин на електричната енергија.

Косово – напад

Српскиот премиер Зоран Живковиќ и заменик-премиерот Небојша Човиќ денеска беа на Косово да присуствуваат на погребот на двете деца кои во средата беа убиени едно вооружено лице.

Денеска во Србија е ден на жалост поради убиството на двете момчиња. Непознато вооружено лице пукало во децата додека тие се капеле во реката во српското село Гораждевац во западно Косово во близина на Пеќ. Во нападот беа повредени уште 4 лица, од кое едно посериозно.

Полицијата вели дека станува збор за едно вооружено лице етнички Албанец, кое врз децата пукало од заседа, и во тек е претрес од куќа до куќа.

Советот за безбендост на ОН, ЕУ, Британија и САД го осудија нападот. Командантот на мировниците под раководство на НАТО на Косово, нападот го нарекоа „лош сигнал“ за оние кои се за мултиетничка демократија.

Либерија

Десетици илјади Либеријци го минуваат клучниот мост во Монровија во потрага по храна и за да се видат со роднините по неколку неделниот прекин на комуникацијата меѓу двата дела на градот.

Мостот денеска повторно беше отворен за користење, откако бунтовниците вчера ја предадоа контролата врз пристаништето. На овој мост од стратешко значење минатиот месец се водеа интензивни борби и тој беше границата што ги делеше позициите на бунтовниците во северниот дел и владините сили на југ. Во меѓувремево пристаништето во Монровија пристигна првиот брод со храна и се очекува кон крајот на денот тој да биде растоварен. Во Гана, новиот привремен претседател на Либерија преговара со бунтовничките лидери за ставање крај на граѓанската војна во земјата.

Азија - тероризам

Најбараното лице во Азија, Хамбали, по апсењето на почетокот на неделава во централен Тајланд, се испрашува на непозната локација.

Хамбали се наоѓа во американска надлежност, но надлежните не соопштуваат каде. Според некои извештаи тој бил пренесен во родната Индонезија, но тамошните власти ги негираат овие информации. Тајландскиот премиер Таксим Шинаватра вели дека информација од локалното население довела до апсење на шефот на азискиот огранок на Ал Каида. Се верува дека Хамбали, чие вистинско име е Ридван бин Исамудин, бил осмислувач на неколку трагични бомбашки напади во Индонезија. За него имаше потерници во југоисточните азиски земји, АВстралија и САД.

Германија – тероризам

Во Германија започна сослушувањето на сведоците во судскиот процес против Мароканецот обвинет дека ја помагал ќелијата на Ал Каида, која ги изведе терористичките напади во САД.

Обвинителите велат дека Абделгани Мзуди и давал логистичка поддршка на групата и бил сооучесник во убиството на над 3.000 лица. Поранешната девојка на Зиад Џарах, за кој се верува дека го управувал авионот што се урна во Пенсилванија, на денешното сведочење кажа дека тој станал многу попредаден и политички поекстремен по приклучувањето на ќелијата во Хамбург. Истото ова, таа го кажа и на сведочењето во февруари, во судскиот процес против Мунир Ел Мотасадег, кој беше обвинет за исти кривични дела. Доколку биде прогласен за виновен Абделгани Мзуди може да добие затворска казна од 15 години.

Израел и Палестина

Израел ослободи околу 73 палестински затвореници, во знак на, како што рече, добра волја, додека од палестинска страна ова беше наречено безначаен чекор.

Денешнот ослободување требаше да се случи во вторникот, но беше одложено поради двата самоубиствени напади. Двајца Израелци и двајцата напаѓачи Палестинци загинаа во нападите, кои милитантните групи ги нарекоа одмазда за убиството на четворица Палестинци во рацијата во Наблус. Палестински претставници рекоа дека денешното ослободување има мало значење, бидејќи 73-цата Палестнци отслужувале казни за ситен криминал, а не за политичка активност. Во исто време додека ослободените затвореници се среќавале со своите семејства, Израел објави дека во ноќешната рација на Западниот брег биле уапсени најмалку 9 осомничени милитанти.

САД и Канада – прекин во снабдување електрична енергија

Околу 50 милиони жители во САД и Канада беа без електрична енергија како резултат на прекинот во снадбувањето во еден од најжешките и највлажните периоди од летото.

Во Кливленд, Охајо со прекинот во снабдувањето со електичната енергија беа погодени сите четири водоснабдителни станици во градот. Сега тие повторно функционираат, но властите не се сигурни кога ќе се воспостави нормални снабдување со вода на домовите. Во Мичиген, гувернерот изјави дека можеби ќе бидат потребни два дена за враќање на системот во нормала. Во Канада, околу 100 рудари во Онтарио ја минале ноќта под земја, поради прекинот на електричната енергија, бидејќи не работел лифтот што требало да ги изнесе на површината.

XS
SM
MD
LG