Линкови за пристапност

САД:  хаварија на електро-системот, милиони во темница - 2003-08-15


Милиони луѓе без електрична енергија, целосен застој на сообраќајот, и илјадници заглавени во лифтови и подземни железници – тоа е само дел од билансот на вчерашниот голем прекин на електрична енергија во североисточниот дел на САД и дел од Канада, до кој дојде попладне по американско време. Властите тврдат дека не се работи за терористички акт, но претседателот Буш побара да се утврди дали има потреба од модернизација на електро-системот во земјата, поради опасноста тој да е ранлив на терористички напади.

По повеќечасовен прекин, во раните утрински часови електричната енергија беше повторно воспоставена во некои од афектираните подрачја. Прекинот, што ја опфати областа од Охајо на запад па се до Пенсилванија на југ, парализираше неколку големи градови во САД и Канада – Њујорк, Кливленд, Детроит, Отава и Торонто. Поради прекинот беа затворени девет нуклеарни централи во САД.

Канaдските власти велат дека причина за прекинот бил гром што удрил во електричната централа во близина на американско-кандската граница, по што започнала каскада хаварии и во другите делови на електро-системот. Американски водечки лица од електро-индустријата, пак, се сомневаат дека тоа довело до прекин од, како што истакнуваат, неочекувано големи размери, но засега не наведуваат што можело да биде причината.

Претседателот Буш во специјалното обраќање до јавноста по овој повод и порача на јавноста дека не се работи за терористички акт, но затоа побара истрага за да се утврди како може да се случи хаварија од вакви размери. „Ќе има време да провериме и да утврдиме дали електро-системот треба да биде модернизиран. Јас сметам дека треба и тоа сум го рекол и порано. Ова е добра поука за нашата земја и ќе треба да реагираме“, кажа американскиот претседател.

Спасувачките служби во Њујорк синоќа работеа на евакуирање на заглавените патници во подземната железница, а илјадници Њујоркчани пеш се упатија кон домовите во предградијата. Оние кои работат во Њујорк но живеат на поголема оддалеченост, ноќта ја минаа во импровизирани прифатилишта. Одредено време беа затворени и аеродромите во Њујорк, а болниците работеа со помош на генератори. Според градоначалникот Мајкл Блумберг, во Њујорк не бил забележан пораст на криминалот откако падна превезот на ноќта, иако се стравуваше дека ќе дојде до грабежи на продавници и дека ситуацијата ќе излезе од контрола. Американските ТВ-мрежи на национално ниво ја истакнаа смиреноста и дисциплинираноста на Њујоркчани во оваа неочекувана ситуација, и покрај свежите сеќавања на страотиите од 11-ти септември.

XS
SM
MD
LG