Линкови за пристапност

Во Монровија пристигнаа 200 американски војници - 2003-08-14


Околу 200 американски војници пристигнаа во либерискиот главен град Монровија, за да им помогнат на мировниците во обезбедувањето на дистрибуцијата на хуманитарната помош. Во меѓувреме, според претходно постигнатиот договор, либериските бунтовници ја предадоа контролата врз пристаништето во главниот град на западно-африканските мировници.

Американски хеликоптери со 200 војници, од кои 150 маринци, пристигнаа на меѓународниот аеродром во Монровија. Војниците дојдоа од американскиот борбен брод кој неколку дена патролираше во територијалните води на Либерија.

Војниците ќе им помагаат на мировниците од земјите во регионот во обезбедувањето на пристаништето, за прифаќање на бродовите кои носат храна и лекови.

Водечката бунтовничка група, на куса церемонија, денеска ја предаде контролата над пристаништето во Монровија на мировните сили под раководство на Нигерија. Во средината на јули бунтовниците го зазедоа пристаништето, кое се смета за клучна точка каде пристигнува неопходната хуманитарна помош во земјата.

Илјадници Либеријци се собраа кај пристаништето за да го набљудуваат повлекувањето на бунтовниците и предавањето на контролата. На улиците на Монровија се слави, бидејќи на пристигнувањето на мировниците се гледа како на крај на војната. Изминативе недели, Монровија фактички беше поделена на два дела, меѓу владините сили и бунтовниците. Граѓаните не можеле слободно да се движат меѓу двата дела на градот.

Хуманитарните работници предупредуваат дека Либерија е голем хуманитарен предизвик. Пратениците на ОН велат дека по 14 години граѓанска војна која кулминираше со жестоки борби за главниот град, Либеријците се изгладнети, подложни на болести и имаат неопходна потреба од итна помош.

XS
SM
MD
LG