Линкови за пристапност

САД инсистира да се гласа резолуција за мисија на ОН во Ирак - 2003-08-14


САД инсистираат, најрано денеска да се гласа за разолуцијата со која се одобрува 12 месечен мандат на нова мисија на ОН за помош на Ирак.

САД го убедуваат Советот за безбедност што е можно побрзо да усвои резолуција со која ќе започне мисија на ОН за помош на Ирак. Истата резолуција би го признала и штотуку избраниот управен совет во Ирак.

Амбасадорот на САД при ОН, Џон Негропонте изјави дека инсистирањето на САД што е можно побрзо да се донесе оваа резолуција не значи повлекување на САД од нивната позиција во Ирак. Исто така, тој додаде дека резолуцијата не е ниту сигнал дека улогата на ОН во Ирак се зголемува.

„Резолуцијата е конкретна и фокусирана на два факта„. „Еден е фактот дека во Ирак сега постои управен совет, и ние предлагаме Советот за безбедност да ја признае оваа новина како чекор напред во формирањето на репрезентативна и меѓународно призната власт„, објаснува Негропонте. Вториот факт, според него, е одлуката за одобрување мисија на ОН за помош во Ирак, нешто што нам ни го предложи генералниот секретар. Негропонте смета дека нема други пошироки импликации.

Управниот совет во Ирак е времено административно тело, кое го сочинуваат 25 Ирачани, претставници на различните религиозни, етнички и политички групи во земјата. Во негова ингеренција е одобрувањето на буџетот, креирање политика и назначување дипломатски претставници.

Американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер може да стави вето на која било одлука на Советот.

Доколку Советот за безбедност ја прифати предложената резолуција, новата мисија на ОН во Ирак ќе го промени својот статус од мисија за финансирање во вонредни ситуации, во редовна мисија од буџетот на ОН.

Државите кои се спротивставија на војната во Ирак, вклучувајќи ги Франција, Германија и Русија, навестија дека можеби ќе испратат трупи во Ирак за да помогнат во одржувањето на мирот, доколку ОН преземат поголема улога.

XS
SM
MD
LG