Линкови за пристапност

Одреден притвор за обидот за шверцување оружје во САД - 2003-08-13


Меѓународниот дилер со оружје кој наводно се обидел да прошверцува рачни минофрлачи во САД, синоќа се појави пред федералниот суд во Њу Џерси. Федералните власти велат дека Хемант Лакани верувал дека соработува со терористичка група која имала намера да урне американски патнички авион.

Судијата на Федералниот суд му одреди на господинот Лакани, кој е британски државјанин со индиско потекло, притвор без кауција до сослушувањето идната недела. Тој се товари за помагање на терористи, конкретно дека се обидел да внесе рачен минофрлач во САД за да го продаде на терористичка група.

Американскиот обвинител Кристофер Кристи вели дека Федералното истражно биро, Еф-Би-Ај, кое во тајна операција подолго време го следело Лакани, одлучило да му дозволи во САД да се внесе неисправен проектил како примерок. Според американскиот обвинител, Лакани на сведоците им рекол дека треба да нарачаат уште 50 проектили за да може зделката да биде исплатлива. Лакани и уште две други лица беа уапсени вчера, кога требало да се изврши исплата на капарот.

Кристи ги оквалификува апсења како важна победа во војната против тероризмот. „Нема сомневање дека господинот Лакани ги поддржувал терористите кои се обидуваат да и наштетат на нашата земја„, рече тој. Според Кристи, Лакани Американците ги нарекувал неранимајковци, а Осама бин Ладен херој и добро му било познато дека шверцот со оружје имал за цел убиство на американски граѓани и обид да се разниша стабилноста на американската економија.

Апсењата се резултат на 18-месечна тајна операција на Еф-Би-Ај и британските и руски агенти. Кристи особено ги пофали Русите кои први откриле дека некој набавил проектил земја-воздух во Русија и се обидувал да го продаде во странство. „Ова немаше да може да се заврши без помош на руската влада која имаше клучна улога со тоа што спречи плановите на овие терористи никогаш да не бидат спроведени„, кажа Кристи.

Второобвинетиот Моинуден Ахмед Хамед, исто така е во притвор без право на кауција до сослушувањето идната недела. Тој е обвинет дека без дозвола управувал со бизнис за трансфер на пари. Властите велат дека тој пристигнал од Малезија во почетокот на неделава, како дел од поголемиот заговор за набавка на уште 50 проектили.

Третиот, Јехуда Абрахам, јувелир од Њујорк, треба во текот на денот да се појави во судот во Њујорк. Властите велат дека тој е поврзан со перење пари.

Американските власти велат дека истрагата за овој случај, покрај САД, истовремено трае и во Русија и Британија.

XS
SM
MD
LG