Група американски лекари предлагаат универзален план за здравствено осигурување на Американците.
Вкупните трошоци за здравствено осигурување во САД достигнуваат до 1,3 трилиони долари годишно. Но, и покрај тоа, речиси 41 милион луѓе не се здравствено осигурани.
Во својата нова студија, здружението наречено “Лекари за национална здравствена програма“, предлага универзално здравствено осигурување за сите Американци, што би чинело речиси исто колку и сегашниот систем на осигурување. Студијата, што предлага систем за здравствено осигурување финансиран од владата, наречен Национално здравствено осигурување, беше објавена во Журналот на Американското медицинско здружение.
Др. Оливер Фејн, претседател на њујоршкиот оддел на здружението “Лекари за национална здравствена програма“, вели дека со новата програма ќе се заштедат пари, бидејќи ќе се пренасочат бирократските трошоци што произлегуваат од голем број на приватни осигурителни компании во сегашниот систем. "Со планот нема да се зголемат вкупните трошоци за здравството; напротив, ќе се намали огромната документација во процесот на здравствено осигуруцвање". Според Фејн, тоа, ќе вроди со заштеда, што, според проценката на “Лекари за национална здравствена програма“, ќе биде доволна за да се обезбеди осигурување за сите неосигурани 41 милион Американци.
Во студијата се проценува дека може да се заштедат 200 милијарди долари со комбинирање на сегашните програми на Владата за здравствено осигурување, со тоа што ќе се задржат придонесите на работодавците во фондовите за здравствено осигурување, а ќе се покрене зголемување на даноците, што може да се компензира со пониски премии и побарувања од пациентите кога ќе одат на лекар.
14 проценти од Американците немаат здравствено осигурување. Проблемот е уште поакутен кај малцинските групи. 40 проценти од неосигурените во САД се Афро-американци или од Латинска Америка.
Др.Луис Голдфранк вели дека 100 милиони несоодветно осигурани лица ги полнат службите за итни случаи секоја година, заради што медицинската грижа за оние кои се сериозно болни станува понефикасна.
„Постојаната навала на пациенти во одделите за итни случаи покажува дека нема организиран систем на здравствена заштита за нашите граѓани„, вели Голдфранк. Тој смета дека големите здравствени потреби на овие пациенти покажуваат дека има недостаток на координација во нашата национална здравствена политика и дека проблемите во јавното здравство при посетите на одделите за итни случаи се евиденти секој ден.
Поборниците за Националниот план за здравствена заштита велат дека неговите корисници би можеле да избираат лекар и дека тој истовремено би ставал акцент и на превентивната заштита. Со планот би биле покриени трошоците за сите лекарства и би се елиминирале трошоците на многу пациенти за здравствени услуги што не ги покрива нивното осигурување. Планот го поддржаа осум илјади лекари, но др.Фејн вели дека поддршката од лекарите не е доволна. Во февруари во Конгресот беше предложен закон за Национално здравствено осигурување, што е сличен на предлогот на групата лекари, освен во делот како да се администрира ваквото здравствено осигурување.