Линкови за пристапност

Самоубиствени напади во Израел - 2003-08-12


Преземањето на одговорноста за нападот е објавено на веб -страницата на Изедин ал Касам, воено крило на групата Хамас, кое често изведува самоубиствени напади.

Групата тврди дека стои зад бомбашкиот напад на влезот во населбата Ариел на Западниот брег, наведувајќи дека нападот го извршил нејзин активист од Наблус. Организацијата уште вели дека нападот е одмазда за убиството на двајца активисти на Хамас за време на рацијата што израелската армија ја изврши во петокот во Наблус.

Неполн час порано, уште еден Палестинец изврши самоубиствен напад пред еден супермаркет во градот Рош Хајин во централен Израел. Израелски безбедносни претставници сметаат дека нападот е дело на одметнати елементи на вооруженото крило на движењето на палестинскиот претседател Јасер Арафат, Фатах.

По нападите, Израел објави дека го запира за денеска планираното ослободување на 80-тина палестински затвореници. Израелскиот премиер Ариел Шарон изјави дека го смета палестинското раководство за директен виновник за најновите убиства. Портпаролот на г-динот Шарон рече дека нападите се резултат на тоа што палестинската управа не презема мерки во правец на растурање на терористичките организации.

Палестинскиот премиер Махмуд Абас ги осуди нападите и ја прекина својата турнеја низ арапските земји во Заливот . Тој исто така ги осуди и, како што ги нарече, израелските провокации.

XS
SM
MD
LG