Линкови за пристапност

Зголемен бројот на заразени од вирусот West Nile - 2003-08-12


Името на вирусот потекнува од областа West Nile во Уганда, каде што првпат се појавил во 30-тите години. Вирусот главно ги напаѓа птиците, и научниците се уверени дека тој се шири со нивната преселба. Но исто така, со вирусот биле заразени и други животни како на пример коњи, па дури и алигатори. Се верува дека вирусот се пренесува на луѓето со каснување од комарец, кој е носител на вирусот што го добил од инфицирани птици.

Најголем број од заболените имаат симптоми слични на настинка. Експерите велат дека кај помалку од еден процент од инфицираните се јавува смртоносниот тип на West Nile енцефалитис или менингитис. Најголем е ризикот кај постарите лица.

Ентомологот Марлон Нелмс, одговорен во Одделот за контрола на комарците во областа Дејд во Мајами вели дека Флорида досега била поштедена од појава на ваква болест. "Комарците за кои се верува дека го пренесуваат вирусот се наречени Аесцилус„, објаснува етномологот. „Вакви комарци овде нема во голем број, но се доволни за да ја пренесат болеста„, изјави Нелмс. Тој додаде дека станува збор за „кафеав комарец, релативно безопасен, кој всушност примарно се храни од птиците, отколку од луѓето„. „Сметаме дека токму тоа е една од причините зошто има толку мал број инфицирани луѓе„, кажа Нелмс.

Мери Џо Трепка која раководи со Локалната канцеларија за епидемиологија и контрола на болесети во областа Дејд, вели дека добрата комуникација меѓу здравствените стручњаци е клучен елемент, не само за овој вирус, туку и за сите други заразни болести.

Според Трепка, „најдобар начин за справување со новите потенцијално смртоносни болести е добрата контрола, добрата комуникација меѓу здравствените институции и агенциите за јавно здравство„. Како добар пример Трепка го наведува нападот со антракс. „Првиот случај се појави во Флорида, и беше идентификуван од еден инфектолог на Флорида, кој го известил раководителот на Одделот за здравство во областа Палм Бич„, објаснува таа. Според неа, тоа довело до брза идентификација и реакција на појавата на антракс.

Здравствените работници на Флорида сметаат дека граѓаните можат да помогнат во заштитата од вирусот West Nile. Тие советуваат да се пресуши застоената вода каде комарците се размножуваат, и напоменуваат сите мртви птици да се пријават на здравствените служби, со цел појавата на вирусот да биде откриена пред тој да се прошири на луѓето.

XS
SM
MD
LG