Линкови за пристапност

На автопатот северно од Багдад, за два часа 18 грабежи - 2003-08-11


Најмалку 18 возила денеска биле цел на вооружени грабежи на главниот автопат западно од Багдад. Меѓу ограбените е и известувачот на Гласот на Америка од Багдад Дејл Гавлак.

На автопатот западно од Багдад и претходно се случувале грабежи, главно на потегот меѓу градовите Фалуџа и Рамади. Но 18 грабежи за само два часа, според репортерите од теренот, е нешто невообичаено.

Инцидентите се случиле рано утринава, кога бил нападнат конвојот странски новинари и арапски бизнисмени, што се движел кон јорданската граница. Во конвојот од две возила се наоѓала и Дејл Гавлак, известувачот на Гласот на Америка. Тие биле нападнати од кратци, кои пристигнале во автомобили Бе Ем Ве седан, чиишто лица биле покриени со црвено-бели арапски марами.

„Одеднаш видовме како возилото што патуваше со нас, застана. Потоа видовме уште едно возило како застана настрана, и луѓе со вперени калашникови кон патниците. Мојот возач ја зголеми брзината. Тој не знаеше дека возилото не следеше и лицата што беа внатре вперија оружје кон нас. Моравме да застанеме“, се потсетува г-ѓа Гавлак.

Кратците му наредиле на возачот и на уште едно лице да излезат од автомобилот, заканувајќи се дека ќе го украдат возилото.

„Тие ги тепаа возачот и совозачот, по што ја отворија вратата каде што бев јас. Знаев дека бараат пари и токму за вакви случаи носев некои пари, бидејќи знаев дека тие никогаш нема да веруваат оти немам пари за да им дадам“, раскажува таа.

Кратците потоа избегале и според, г-ѓа Гавлак, бидејќи никој не бил сериозно повреден, тие го продолжиле патувањето кон Јордан. Попатно сретнале ирачки полицајци, кои знаеле за серијата криминални дела, но не можеле ништо да сторат. Конвојот наишол и на американски војници, кои се обиделе да откријат што се случило. Американската армија се обидува да го обезбеди патот низ овој немирен регион, но како што вели, нема доволно војници ниту возила за гарантирање на безбедноста цело време.

Меѓу жртвите на 18 грабежи тоа утро бил и колумнистот на Њујорк Тајмс Томас Фридман и еден ирачки бизнисмен, кому му биле одземени 10.000 долари.

XS
SM
MD
LG