Светската метеоролошка организација очекува екстремните временски прилики, како топлотниот бран што деновиве ја зафати Европа, да зачестат поради глобалните климатски промени.
Според Светската метеоролошка организација, рекордните температури во Европа и во другите делови во светот се абнормални. Не само што екстремните температури поставуваат нови рекорди секоја година во некој дел од светот, туку и стануваат се позачестена појава, велат во Светската метеоролошка организација.
Директорот на Програмата за климатски истражувања при Светската метеоролошка организација, Дејвид Карсон, оценува дека екстремните временски услови се совпаѓаат со глобалното затоплување и најверојатно се поврзани со емисијата на јаглерод диоксид и други гасови што доведуваат до ефектот на стаклена градина. Во просек, во последните 140 години земјината топка се загреала за 0,6 степени Целзиусови, вели г-дин Карсон.
„Периодот на 90-тите најверојатно беше најтоплата декада во последните 1000 години. 1998 изгледа беше најжешката година во северната хемисфера во последните 1000 години... А веќе гледаме дека и 2003 најверојатно ќе биде рекордна година во однос на високите температури“, вели тој.
Светската метеоролошка организација известува дека различни делови од светот се соочуваат со најразновидни екстремни временски прилики, како суши, поплави и бури пропратени со грмотевици.
Во САД, само во мај имало 562 торнада, што е за 163 повеќе од претходниот рекорден број.
Во Индија завладеа рекорден пред-монсунски топлотен бран од кој починаа 1400 лица.
Климатолозите во Швајцарија забележале дека глечерите во земјата се топат многу побрзо отколку досега.
Но, не расте само глобалната температура, туку и бројот на екстремни временски прилики како резултат на температурниот пораст, вели Дејвид Карсон.
„Сите треба да сме загрижени. Иако не можеме да кажеме дека имаме докази дека климатските промени се разултат на одредени човечки активности, сепак сметам дека постојат многу докази, и нивниот број расте секоја година. Покрај тоа, се уште постојат последици што не ни се познати“, истакнува г-динот Карсон.
Екстремните временски прилики, заклучува Карсон, треба да бидат заедничка грижа на сите во меѓународната заедница.